Ако се погледнат подетално податоците на „Евростат“, ќе се види дека во првиот квартал од годинава најмногу банкроти биле забележани во соседна Грција, но и во Шведска и Естонија. Спротивно на нив, најголемо намалување кај банкротите имало во Кипар, Малта и Латвија
„Евростат“ регистрира растечки тренд на банкротирани компании во Европската Унија
Нашиот јужен сосед, Грција, во рамките на ЕУ е водечки на табелата со најмногу банкроти во текот на првите три месеци од годинава. Грците се меѓу трите земји членки на Европската Унија што забележале голем број пријавени банкроти на компаниите. Иако од европскиот статистички центар „Евростат“ објавија дека од почетокот на годината бројот на компании што затвориле е благо намален во целата Европска Унија, сепак, податоците откриваат дека некои земји се соочуваат со поголеми проблеми.
Од „Евростат“ исто така посочуваат дека во првите три месеци се отвориле помалку нови компании и бизниси низ земјите од Европа.
Ако се погледнат подетално податоците на „Евростат“, ќе се види дека во првиот квартал од годинава најмногу банкроти биле забележани во соседна Грција, но и во Шведска и Естонија. Спротивно на нив, најголемо намалување кај банкротите имало во Кипар, Малта и Латвија.
– Споредувајќи го првиот квартал од 2025 година со четвртиот квартал од 2024 година, меѓу земјите од ЕУ за кои се достапни податоци, најголемо зголемување на пријавите за банкрот е забележано во Грција со раст од 35,9 отсто, па Шведска со раст од 22,7 проценти и Естонија со 20,4 отсто. Најголемо намалување на бројот на пријави за банкрот е забележано во Кипар -70 проценти, Малта – 66,6 отсто и Латвија со – 21 проценти – се појаснува во извештајот на „Евростат“.
Од европскиот статистички центар објаснуваат дека во првиот квартал од 2025 година меѓу земјите од ЕУ, најголемо зголемување на регистрациите на нови бизниси е забележано во Кипар со раст од 9,8 отсто, па Литванија со 8,9 проценти раст и Хрватска со 4,2 отсто зголемување.
– Во првиот квартал од 2025 година бројот на регистрации на бизниси се намали за 5,1 отсто во ЕУ и за 5,5 проценти во еврозоната, во споредба со четвртиот квартал од 2024 година. Еден квартал претходно, или во четвртиот квартал од 2024 година, бројот на регистрации на бизниси се зголеми за 2,6 отсто во ЕУ и за 2,2 проценти во еврозоната, во споредба со третиот квартал од 2024 година.
Во првиот квартал од 2025 година бројот на пријави за банкроти се намали за 0,9 отсто во ЕУ и за 2,2 проценти во еврозоната, во споредба со четвртиот квартал од 2024 година. Во четвртиот квартал од 2024 година, пријавите за банкроти се намалија за 0,8 отсто во ЕУ и за 0,1 процент во еврозоната во споредба со третиот квартал од 2024 година – појаснуваат од „Евростат“.
Аналитичарите на европскиот статистички центар појаснуваат дека бројот на регистрации на нови бизниси во ЕУ помеѓу првиот квартал од 2022 година и првиот квартал од 2024 година покажа тренд на зголемување и достигна највисоко ниво во првиот квартал од 2024 година. По намалувањето во вториот квартал од 2024 година, бројот на регистрации повторно се зголеми во третиот квартал од 2024 година, а потоа повторно во четвртиот квартал од 2024 година, достигнувајќи нов врв од претходниот од првиот квартал од 2024 година.
Од „Евростат“ објаснуваат дека и кога станува збор за банкротите, исто така нема јасен образец.
– Имаше значително намалување во првиот и вториот квартал од 2020 година. Намалувањето на банкротите, забележано во многу земји од ЕУ во првите два квартала од 2020 година, може да се објасни со владините мерки за поддршка на бизнисите за време на почетокот на кризата со ковид-19, што им помогна на бизнисите да избегнат прогласување банкрот. По тоа, од третиот квартал од 2020 година до третиот квартал од 2021 година немаше јасен образец во бројот на пријави за банкрот, иако тој сè уште остана далеку под нивоата од пред пандемијата на ковид-19. Потоа, пријавите за банкрот беа претежно во тренд на зголемување од четвртиот квартал од 2021 година до третиот квартал од 2024 година.
Од четвртиот квартал од 2023 година до третиот квартал од 2024 година бројот на пријави за банкрот постојано растеше и во третиот квартал од 2024 година достигна највисоко ниво од 2018 година – се посочува во анализата.
Економистите укажуваат дека бројот на нови регистрации нагло се намали во сите сектори на економијата во првиот и вториот квартал од 2020 година (поврзано со пандемијата на ковид-19), а повторно закрепна во третиот квартал од 2020 година.
Оттаму додаваат дека иако нема јасен тренд, сепак во првиот квартал од 2025 година бројот на регистрации на бизниси се намали во сите сектори на економијата, при што најзабележително намалување е забележано во градежништвото, трговијата и информациите и комуникациите.
– Во првиот квартал од 2025 година бројот на пријави за банкрот се зголеми во поголемиот дел од економските сектори, највидливо во сместувањето и услугите за храна, информации и комуникации и образованието и социјалните услуги. Додека единствените сектори со намалување на банкротите беа транспорт и градежништво. Така, во првиот квартал од 2025 година, за сите сектори на економијата, банкротите сè уште беа на повисоко ниво отколку во четвртиот квартал од 2019 година, пред пандемијата – укажуваат аналитичарите. Е.Р.