Фото: Игор Бансколиев

Кај голем дел компании што сега се соочуваат со неколкукратно зголемени сметки за струја и се пред сериозна дилема дали да затворат или да продолжат да работат бележејќи загуби, постои расположение самите да инвестираат во фотоволтаични централи преку кои би ја произведувале потребната електрична енергија за нивното работење. Што мислат експертите и бизнис-заедницата за оваа можност и како
таа да се реализира

ВО ПРЕСРЕТ НА СЕДНИЦАТА НА КОЈА ЌЕ СЕ НОСАТ МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

Во време кога Македонија се соочува со сериозна енергетска криза, а недостигот од капацитети за производство на електрична енергија станува сè поевидентен, зачудува незаинтересираноста на државата да го олесни и помогне процесот на инсталирање фотоволтаици кај домаќинствата, но и кај компаниите.
Државното субвенционирање за поставувањето фотоволтаични колектори на покривите на индивидуалните куќи едноставно го нема, а со оглед на висината на инвестицијата, која се движи од 7.000 евра, па нагоре, тешко е да се поверува дека во овие кризни времиња некој ќе се реши да потроши толку пари за инвестиција што ќе му се исплати дури по 15 и повеќе години.
Од друга страна, кај голем дел компании што сега се соочуваат со неколкукратно зголемени сметки за струја и се пред сериозна дилема дали да затворат или да продолжат да работат бележејќи загуби, постои расположение самите да инвестираат во фотоволтаични централи, преку кои би ја произведувале потребната електрична енергија за нивното работење, но и овој пат, од неразбирливи причини, државата им поставува административна бариера и бара од нив огромна документација пред да реализираат ваков проект, така што голем број од нив се откажува уште на самиот старт.
Поедноставување на процедурите неодамна побараа и од Стопанската комора, од каде што велат дека постои голем интерес од бизнис-секторот за инвестирање во фотоволтаични централи, но нивните членки се соочуваат со еден куп административни пречки и комплицирана процедура за вадење дозвола.
Парадоксално е што истата таа држава ги повикува сите на штедење, а истовремено не дозволува луѓето сами да си произведуваат електрична енергија и колку-толку да го ублажат ударот од високите цени на струјата.
– Треба на граѓаните да им се дозволи веднаш, без никакво одложување, ако треба и да им се дадат бескаматни кредити каде што државата ќе учествува, да се постават фотоволтаици на сите куќи, а да му се помогне на ЕВН да се набават двонасочни броила и тие да се вклучат во системот, а не да се направи процедура како небаре луѓето прават мини-централа дома ако сакаат да постават фотоволтаик – вели бизнисменот Горан Рафајловски.
Според него, овој чекор ќе биде од исклучителна полза за целото стопанство, бидејќи струјата ќе му треба токму на стопанството, но истовремено апелира државата да ги олесни процедурите за изградба на мали фотоволтаични централи преку кои компаниите ќе си обезбедуваат струја за производството.

– Ако на тие микро и мали компании им се овозможи да постават фотоволтаици на покривите на погоните, со што ќе им се намалат зависноста и цената на струјата, наместо како сега, да им се бараат елаборати, невозможности да се вклучат во системот небаре ќе произведуваат атомска енергија, тоа во овој момент ќе биде од огромна помош за тие компании – истакнува Рафајловски.
Тој уште додава дека ако државата реши да ги поедностави процедурите, тогаш во период од една година ќе има завидна бројка на компании што сами ќе произведуваат електрична енергија потребна во нивниот производствен процес.
Професорот и енергетичар Константин Димитров смета дека доколку државата овозможи поедноставено поставување фотоволтаици кај домаќинствата без ограничувања на капацитетите и го субвенционира тоа, ќе остане струја за стопанството произведена од домашните капацитети што нема да биде толку скапа.

– Со шест киловати инсталирани, домаќинствата не можат да произведат доволно количество енергија. Зошто посериозно да не се стимулира да им се помогне финансиски на домаќинствата за инвестирање во фотоволтаици. Тоа што нема да се искористи од страна на домаќинствата, ќе го преземe државата, а ќе го плати по цена од околу 40 евра за мегават-час, наместо да купува на берзи по високи цени, кои достигнуваат и до 500 евра за мегават-час. Државата нека ги намали административните и бирократските процедури и „прекуноќ“ нека дозволи монтирање фотоволтаици – вели Димитров.
Владата за евентуалниот пакет мерки за енергетската криза ќе одлучува на утрешната седница. Е.Р.