фото: Архива

Некои опсервации за енергетиката, економијата и геополитиката

Зависноста на економскиот раст и развој од употребата на енергија е аксиоматски економски факт, кој, така да се каже, не треба конкретно да се докажува. Светот, развиените држави, а особено брзорастечките економии, трошат сè повеќе енергија. Гладот за енергија станува сѐ поголем, а посакуваната промена во структурата на употребата на енергија во насока на зголемување на употребата на обновливи извори на енергија, во функција на одржлив раст на економијата, се одвива премногу бавно.

Европа прави необјасниви енергетски грешки во чекори

Во Европа, главната причина за стравотниот енергетски дефицит, а со тоа и пад на економијата, е „необјаснивото нагло откажување од снабдувачките енергетски ресурси за Европа од Истокот“, а сето тоа поради заложништвото од неолибералните идеологии на актуелните ЕУ-елити и русофобијата што ја имаат таквите глобалисти. Да се дистанцираат од исклучително многу пониските цени на фосилните извори на енергија и природниот гас, кои денес, ако ја земеме предвид десетгодишната инфлација, се практично двојно пониски отколку во годините пред склучувањето на Парискиот климатски договор (па да продолжат со користење на истите, додека здраво не ги зајакнат своите обновливи извори на енергија – зелена транзиција – на тлото на Европа),…просто е необјасниво. Таквиот потег на бриселските и некои европски елити за европските граѓани значи – „економски суицид“, сликовито искажано од страна на енергетичарите и економистите.
Второ, откажувањето од нуклеарните енергетски (европски) потенцијали (особено на германската енергетика), под притисок на бриселските и до скоро вашингтонските либерални центри на моќ, стравотно ги загрози европската економија и економско-социјалниот статус на европските граѓани.
Но, во контекст на актуелната геополитика и геоенергетика, се покажува дека сегашниот претседател на САД (како контрапункт на доскорашните политики на демократите од Вашингтон), „Трамп и трампистите ја немаат идеолошки и априори русофобијата како што ја имаат глобалистите“. Засега за САД, според Трамп, „Русија не претставува економски сериозна конкуренција“ (за разлика од Кина). Во рој контекст, и прашањето за енергијата, која до скоро во многу различни форми и облици доаѓаше од Истокот кон Европа, е прашање што може брзо и лесно да се реши доколку се размислува низ една нормална, развојна бизнис-матрица што е фокусирана на одржлив раст, а не на лукративни или неекономски интереси. На пример, Америка и денес користи (и е во нагорен тренд) гориво за своите нуклеарни централи токму од Русија. Во секој случај, САД немаат ништо посебно против тоа „Европа да се задуши во своите енергетски заблуди“, под притисок на својата погрешна идеологија. Но, токму тоа го прави Брисел, покривајќи ги реалните енергетски, а со тоа и своите длабоки економски проблеми, со развивање сценарио за „предвоена опасност (опасност од претстојна агресија)“, и со тоа става акцент на наменската воена индустрија, чиј профит од производството дефинитивно не се дисперзира соодветно за одржлив поширок општествен развој на државите и граѓаните, туку завршува во рацете на многу помал број луѓе, кои стануваат уште побогати.

Геополитички условена енергетика

Геополитичките конфликти и војни што се водеа во последните неколку години, како и политиките што сѐ повеќе се фокусираат на зголемување на трошоците за воената индустрија и инвестициите во индустријата за оружје, речиси целосно, со умисла глобалистите го префрлија фокусот на глобалното политичко внимание од енергетските предизвици кон наводни воени потреби или т.н. „закана од војна“. Геополитички условената енергија дејствува како „воена економија“, која, со моменталните конфликти и одбранбени планови на Европската Унија, сè повеќе се претвора во вистинска воена економија со поттик за развој на класични индустрии и производствени системи за оружје и воена опрема.
Со тоа, глобалниот енергетски парадокс веќе се претвара во глобална стапица со ескалација на геополитичките спорови, при што целите на енергетскиот (економскиот) предизвик би можеле подолгорочно да бидат поклопени со – геополитички цели. Во таков вид на економски развој и политички односи, политиките за енергетиката и одржлив економски раст и развој би можеле да бидат заменети со цели за геополитичка доминација и воена економија!?
Така, современата реалност и иднината на нашата европска индустриска цивилизација се карактеризираат со неизвесности и предизвици што произлегуваат од енергетско-суровинскиот, но и од геополитичкиот комплекс на околности и прашањето за идниот економски развој. Затоа, нивните причини можат еднакво да им се припишат на геополитичките сили, како и на материјално-економските и енергетските околности на сегашноста и иднината на современата цивилизација.

Време е за преструктурирање

Сето ова заедно, во општествените околности на доминација на економските односи засновани на некоја идеологија, како што е либералната, а не на приоритетот на зачувување на долгорочните заеднички интереси на човештвото и одржувањето на човечката цивилизација, придонесе за економски трендови и движења во енергијата да не бидат ставени во согласност со долгорочните интереси на одржливоста на човечката цивилизација и на нациите воопшто.
Имплементацијата на енергетските и економските предизвици кон трајна одржливост, во функција на општ економски развој, би можела да се спроведе побрзо (да се преструктурира), со вклучување еден поширок „систем за енергетско планирање во пазарната економија“. Но, за жал, многумина ќе најдат забелешка дека ова е спротивно на историските искуства за доминантната улога на пазарот и капиталот. Но, токму непланскиот и без визија настап на сѐ уште актуелните владејачки либерални елити во Европа, водени од идеолошките заблуди, фокусот на политичкото внимание се префрли од глобалната одржливост кон геополитичките спорови и конфликти. Поради комбинацијата од геополитички околности, Европа и водечките европски држави се најдоа во фаза на спроведување нереална и ирационална енергетска транзиција, а паралелно се отвори нов предизвик со војната во Европа (и новиот воен конфликт на Блискиот Исток). При изборот помеѓу политика на долгорочна општа економска корист и политика на конфликт и војна, во Брисел преовладеа второто.
Покрај тоа, најновите одлуки на земјите членки на НАТО за зголемување на инвестициите во одбраната, развој на воената индустрија и зголемување на трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП во следната деценија сигурно нема да влијаат позитивно во ЕУ за забрзување на решавањето на енергетските, а со тоа и на економските предизвици. Во сегашниве, а и идни околности, се чини дека прашањата за одржливост и енергетска одржливост се целосно потиснати на периферијата на пошироките општествени интереси. Таквите ставови и политики ја одведоа Европа (а особено Германија, што нас во Македонија длабоко нѐ тангира) во длабока рецесија – економска, стопанска… (а и морална и етичка.)
Дали човештвото ќе ги пронајде вештините за навремена енергетска, економска и социјална транзиција и доволно разум за мирно решавање на своите предизвици и спорови? Ова се главните прашања не само за економската одржливост туку и за самиот опстанок на нашата цивилизација. Е.Р.


Уште еден навидум маргинален, но всушност голем предизвик за справување што генерира енергетски дефицит на глобално ниво

Поради вештачката интелигенција, на целиот свет му се заканува недостиг од електрична енергија

Директорот на најголемиот светски производител на трансформатори бара воведување регулативи што ќе ги обврзат операторите на центрите за податоци да ги известат енергетските мрежи за ненадејните промени во потрошувачката

Огромните скокови во потрошувачката на електрична енергија предизвикани од тестирање модели на вештачка интелигенција во центри за податоци би можеле да ја загрозат стабилноста на глобалниот енергетски систем, предупреди Андреас Ширенбек, извршен директор на „Хитачи енерџи“, во интервју за „Фајненшл тајмс“.
– На ниту една друга индустрија нема да ѝ биде дозволено да користи електрична енергија на таков непредвидлив начин како секторот за вештачка интелигенција – рече Ширенбек.
Тој посочи дека комбинацијата на овие ненадејни скокови во потрошувачката со непредвидливото снабдување од обновливи извори претставува „нестабилност врз нестабилност“, што сериозно го отежнува стабилното снабдување.
– Центрите за податоци со вештачка интелигенција се многу, многу различни од традиционалните канцелариски центри за податоци, тие забележуваат огромни скокови. Кога алгоритамот за учење е активиран и податоците се внесуваат, потрошувачката на енергија во секунда може да скокне до 10 пати во споредба со нормалното – изјави Ширенбек.
Тој додаде дека ниту еден индустриски корисник не треба да се однесува така – ако сакате да отворите леарница, мора однапред да го известите дистрибутерот на енергија, и повика на воведување слични правила за центрите за вештачка интелигенција.
Иако досега најголемиот дел од разговорите беше за високата вкупна потрошувачка на енергија на центрите за вештачка интелигенција, Ширенбек, поранешниот директор на германската енергетска компанија „Унипер“, е еден од првите што јавно предупредија за опасноста од големите осцилации во потрошувачката предизвикани од алгоритмите на вештачката интелигенција.
Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) предвидува дека потрошувачката на електрична енергија во центрите за податоци ќе се удвои до 2030 година, на 945 терават-часа годишно, повеќе отколку што моментално троши цела Јапонија. Ирска и Холандија веќе ја ограничија изградбата на нови центри за податоци токму поради оптоварувањето што го создаваат врз мрежата.
Консултантската компанија „Ристад енерџи“ со седиште во Осло верува дека потрошувачката на центрите за вештачка интелигенција би можела да ја стабилизира мрежата, но само ако технолошките компании однапред ја ограничат максималната потрошувачка и планираат обука на модели во периоди кога има доволно обновлива енергија.
„Хитачи енерџи“, формирана во 2020 година со преземањето на одделот за електрични мрежи на АББ за 11 милијарди долари, моментално е во центарот на глобален недостиг од енергетски трансформатори, клучни компоненти што го регулираат напонот во мрежата. Е.Р.