Економскиот форум годинава го дочекавме во уште еден голем предизвик, за кој сметаме дека ваквите настани ќе бидат дел од историјата и таму ќе останат. Но, за жал, се соочуваме со воената агресија на Руската федерација врз Украина, која целосно ја измести гео-политичката сцена, оставајќи огромни последици со кои секојдневно се бориме. Претходниот, прв Економски форум, се одржа во ек на корона кризата, а сега, две години подоцна, се соочивме со светската економска и енергетската криза, која предизвика забавување на економиите и раст на инфлацијата на глобално ниво – истакна премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Скопскиот економски форум во организација на Делфи Економскиот форум и Грчката бизнис асоцијација.
-Владата, успеа да го сузбие растот на електричната енергија и да го ублажи ценовниот шок за граѓаните со навремените мерки, со над 760 милиони евра. Според податоците на Светска банка во регионот издвоивме највисока буџетска поддршка. Сите мерки се носеа во партнерство со засегнатите страни, со поддршка од државите од регионот, на ЕУ и нашите стратешки партнери САД. Сепак, и лошото искуство е поука. Барем ние, народите од овие простори сме поминале турбулентни историски моменти исполнети со конфликти, поделби, раздори, убивања. Поучени од тие поделби и раздори, не треба да се вртиме кон минатото, туку треба да се фокусираме на иднината, на тоа како да ги подобриме нашите економии, како да им овозможиме на нашите граѓани подобар стандард и поквалитетен живо – рече Ковачевски.
Ковачевски ги пренесе заклучоците од неодамна одржаната Минхенска безбедносна конференција, каде што, како што рече, Македонија е препознаена како фактор на стабилност на Балканот.
-Досега сум кажал, но пак ќе истакнам, веќе не е прашање дали Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ, туку кога ќе стане дел од ЕУ. На Економскиот форум гледам како на продолжение односно надополнување на заедничките регионални иницијативи, меѓу кои и Отворен Балкан, каде преку различни проекти, го олеснуваме и подобруваме животот на граѓаните. Македонија е земја членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ, земја учесничка во Берлинскиот процес и земја, која од оваа година, го презеде претседавањето со ОБСЕ. Ние сме земја која отворените прашања на билатерално, регионално или меѓународно ниво ги решаваме по дипломатски пат, а не насилно. Затоа, за нас е несфатлива и неприфатлива воената агресија на Русија врз Украина, акт со кој се кршат сите меѓународни норми и правила, пренесени во меѓународните договори – посочи Ковачевски.
Премиерот оцени дека земјава цврсто чекори кон ЕУ, заблагодарувајќи се на стратешките партнери на САД и земјите-членки на ЕУ, кои, посочи, во изминатиов период даваа и даваат безрезервна поддршка на нашето членство во Европската Унија, како и поддршка на реформските процеси на тој пат.
-Нашата држава, заедно со Србија и Албанија веќе функционира како Европска Унија во мало. Неодамна Собранието ги ратификуваше законските решенија кои произлегоа од иницијативата Отворен Балкан. Со тоа, нема веќе граници меѓу овие три земји. Отворен Балкан е реалност за граѓаните на Македонија, Србија и Албанија, кои ќе можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Со тоа се либерализира регионалниот пазар на трудот. Станува збор за огромна помош и олеснување за компаниите со цел полесно отворање на нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа – истакна тој.
Ковачевски кажа и дека од круцијално значење за трговската размена во регионот и пошироко, се „зелените коридори“, за што, рече, ќе треба заеднички да работиме со цел да го подобриме и прошириме нивното функционирање и кон земјите членки на ЕУ.
-Минатата, 2022 година, една од најкризните години во Европа, ние имаме рекордна бројка на странски директни инвестиции – 430 милиони евра во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек. Со цел, ние како држава да ги помогнеме компаниите, а согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година исплативме рекордна државна помош од 23 милиони евра на 410 компании, кои вработуваат над 27.000 работници. Минатата година се потпишани нови 277 договори, што е најголем број потпишани договори, од донесувањето на законот – рече Ковачевски, додавајќи дека бранот на нови странски инвестиции ќе продолжи и годинава и оти тоа се должи на поволностите кои, ние како држава ги овозможуваме за странските инвеститори кои во Македонија гледаат како на безбедна дестинација за инвестирање.
Тој ги повика сите потенцијални инвеститори да не се двоумат, туку да ги вложат своите средства, по примерот на инвеститорите кои вложуваат во моментов во нашата држава, нудејќи европски плати за македонски услови, истакнувајќи дека нашите граѓани, како и граѓаните од регионот на Западен Балкан заслужуваат европски услови за работа и европски плати.
-За нас, 2023 година е година на нови можности. Подеднакво важно за нас е и годинава да се фокусираме на искористување на нашите потенцијали како земја, во насока на зелената трансформација на државата, што ќе овозможи на нашата држава национална енергетска независност и ќе ни даде сигурност за предвидлив развој на економијата. Планираме засилени инвестиции, поддршка и енергетско поврзување на регионот. Зелената трансформација се движи во три насоки. Првата е поврзување и диверзификација на енергенси за државата. Македонија во моментов има само еден извор на гас, тоа е преку Бугарија. Во тек е инвестиција на нов гасовод од Република Грција, како и уште еден гасовод од Република Бугарија. Втор сегмент на инвестиции се обновливите извори на енергија. Освен поддршката која ја обезбедуваме за фото-волтаици, кои се доминантна инвестиција и на компаниите, исто така, се инвестира и во мали хидроцентрали, ветерни централи, како и централи на биогас – истакна Ковачевски.
Подвлече дека стратешка определба на Владата е подобрување на диверзификацијата во снабдувањето со природен гас, за што во јуни годинава се очекува да почне реализацијата на интерконекцијата кон Грција, чијашто изградба се очекува да заврши во 2025 година. Останатите две интер-конекции, со Србија и со Косово, рече тој, се во фаза на изработка на проектна документација.
-Во овој контекст, грчката компанија „Митилинеос“ во Скопје, изрази желба и поднесе документација да гради гасна централа од која ќе се произведува електрична енергија вредна 211 милиони евра, а Владата ја одобри инвестиција како стратешка. Сакам да напоменам и дека Грчката државна компанија „ППС“, достави понуда во процедурата за изградба на нашиот најзначаен енергетски капацитет ХЕЦ Чебрен, која во моментот се евалуира. Во ХЕЦ Чебрен ќе се произведува електрична енергија од најмалку 333 мегавати. Имајќи предвид дека станува збор за реверзибилна електрана, истата ќе има огромно значење за балансирањето на енергетскиот систем и интеграција на обновливите извори на енергија. Дополнително, со зголемувањето на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, се овозможи диверзификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во регионот. Со овој договор се намалува зависноста од руски гас која што ја имаше земјата во изминатите децениии – истакна Ковачевски во обраќањето на отворањето на Скопскиот економски форум.
На форумот е најавено е учество на повеќе политичари меѓу кои и премиерите на Косово и Црна Гора, Албин Курти и Дритан Абазовиќ.
На панелот „Една година подоцна: Влијанието на руската агресија во Украина врз Југоисточна Европа“, заменик министерот за Европа и надворешни работи Артемис Мало и амбасадорите на Франција, Грција и Шведска ќе разговараат за влијанието на војната во Украина на национално и регионално ниво и за идни можните сценарија.
– Следење на Самитот во Тирана: Пристапувањето на Балканот во Европската Унија“ е вториот панел на којшто ќе се зборува за клучните точки од Самитот и нивното влијание врз иднината на регионот. Панелисти ќе бидат еврокомесарот Оливер Вархеји, Мартин Дворжак, заменик министер за надворешни работи на Чешка и евроамбасадорот Дејвид Гир.