Повод: Градежните зафати, порастот на БДП и зафатите што ќе обезбедат таков континуитет
- Интензивните градежни активности ќе имаат силно влијание и врз растот на бруто-домашниот производ, сегмент што, според економистите,
е значаен за развој на економијата, што ќе води кон раст на животниот стандард на граѓаните
Забрзано се гради и се обновува на повеќе локации низ земјава. Градежните активности, судејќи според објавите на надлежните, се во полн ек иако сме во зимски период. Раководните лица споделуваат објави од текот на изградбата на автопатот кон Охрид, од штотуку започнатата реконструкција на главната железничка станица во Скопје, од градежните работи на железницата по должината на коридорот 8, но и од голем број други активности.
Интензивните градежни активности ќе имаат силно влијание и врз растот на бруто-домашниот производ, сегмент што, според економистите, е значаен за развој на економијата, што ќе води кон раст на животниот стандард на граѓаните.
Министерот за транспорт Александар Николоски неодамна се огласи со нови податоци за изградбата на железницата и истакна дека случувања во Бугарија не би требало да влијаат врз изградбата на пругата од коридорот 8. Паралелно посочи дека се очекува Европската Унија да обезбеди 100 проценти грант.
– Имаме најава дека тоа ќе биде преку механизмот СЕФА, кој може да го користи Бугарија, а не може да го користи Македонија, но треба да помине внатрешна процедура со Европската Унија да ни го отворат и нам. Тоа значи дека интензивно работиме со Бугарија на она што е договор – рече Николоски.
Во однос на нашиот дел, како што додаде министерот, „првичната информација за тендерот на коридорот 8, третата фаза излезе на официјалниот сајт на Европската Унија и на официјалниот сајт за тендери на ЕУ, имајќи предвид дека овде имаме сериозен грант и добри кредити“.
Какво е влијанието на градежните активности
Градбите или одржувањето на веќе изградените капитални проекти може да има голем удел врз растот на БДП, но клучно прашање е што може да се направи паралелно со изградбата за да се профитира од новите поврзувања. Дополнително дали има можност паралелно со новите поврзувања, било да се тоа автопатишта или железница, да се поттикне и локалниот развој или, пак, да се подобри поврзаноста на населените места меѓусебно, не само кон главниот град.
Економистите се согласни дека инвестициите се основа за економскиот развој и затоа на секое нивно зголемување и интензивирање се гледа како на позитивна вест.
– Инвестициите секогаш се од полза, тие се двигател на економскиот раст и развој – вели професорот од Економскиот факултет, Сашо Арсов.
Сепак тој додава дека многу е позначајно кога најавите за инвестиции доаѓаат од приватниот сектор.
– Владата има задача да создаде услови за функционирање на економијата и да создаде поволен амбиент за инвестирање, а не самата да биде клучен носител на економските активности, во случајов на инвестициите – потенцира Арсов.
Но тој додава дека инвестициите во подобра инфраструктура не се пречат никогаш, бидејќи тоа ќе создаде подобри услови за водење на бизнисот, и нагласува дека, сепак, треба прво да си ја завршиме домашната задача, па дури потоа да размислуваме за одредени поттикнувања.
Голем број експерти од областа посочуваат дека надлежните, освен за развојот на патиштата или за развој на поврзаноста меѓу градовите и селата, треба паралелно да поттикнуваат и да создаваат услови за развој на економијата во руралните делови, што може да се постигне преку повеќе мерки. Нагласуваат дека економскиот раст не треба да се концентрира само во главниот град туку нужно е да се преземат мерки да се развива целата земја.
Забрзан раст благодарение на инфраструктурните проекти
Економистите потврдуваат дека растот на економијата во изминатите месеци е подобрен, што може да се види и во статистичките податоци, а притоа нагласуваат дека истиот тој е поттикнат од инвестициите на државата.
– Во третиот квартал од 2025 г., БДП понатаму забрза на 3,8 отсто на годишна основа. Забрзувањето е најмногу водено од растот во бруто-инвестициите, што е одраз на инвестициските активности во приватниот сектор и на инфраструктурните инвестиции на државата и општините. Сепак, растот на бруто-инвестициите е варијабилна компонента на растот на БДП и неопходно е да се следи неговото однесување во следниот период – нагласуваат аналитичарите на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ во последниот макроекономски монитор.
Оттаму додаваат дека сепак има ризици во економијата, кои налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна.
– Динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи до крајот на 2025 година и во текот на 2026 година. Ризик за растот остануваат глобалните неизвесности, а на домашната сцена, неопходно е динамизираниот раст да биде придружен со консолидирана фискална политика. „Фајненс тинк“ останува на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3,5 отсто дадена во декември 2024 г. Проекцијата за растот на БДП во 2026 година изнесува 3,8 проценти, додека проекцијата за инфлацијата 2,7 отсто – се нагласува во нивната анализа.
Капиталните инвестиции и нивната забрзана динамика како формула за интензивен прогрес
Надлежните, пак, потенцираат дека растот на економијата од почетокот на годинава се должи на инвестициите, кои се резултат на растот на инвестициите во основни средства.
– Важен придонес кон растот на инвестициите имаше и силната посветеност на Владата на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци, динамика и услови за градба. Оптимизацијата на капиталните инвестиции значеше и интензивирана реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, како што се коридорите 8 и 10. Дополнително, значаен двигател на бруто-инвестициите беше и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции, со цел порамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните – истакна неодамна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Е.Р.

































