Внатрешноста на нуклеарна електрана во Финска / Фото: ЕПА

За да се покријат зголемените потреби за електрична енергија, има експанзија во изградбата на нуклеарни централи во светот. Интересен тренд е што повеќето европски земји се враќаат на нуклеарната енергија – како чист, безбеден и основен извор што не зависи од временските услови. Експертите од областа на енергетиката аргументираат за конвенционалните нуклеарни централи дека обезбедуваат економски предности, додека „малите модуларни реактори нудат поголема флексибилност, модуларно проширување и пониски почетни инвестициски трошоци“

Опсервација од областа на енергетиката: Враќањето на нуклеарната енергија – во подем во Европа

Вовед во подготвителната фаза на развој на нуклеарната програма во Србија, според насоките на Меѓународната агенција за атомска енергија претставува „Прелиминарната техничка студија за мирновременска употреба на нуклеарната енергија во Србија“ извршена и презентирана од страна на француската компанија ЕДФ, пред претставници на српската влада и научните институции. Србија работи и на формирање меѓуресорска експертска група, која ќе биде одговорна за таа програма, истакна ресорната министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
– Воспоставувањето институционална, регулаторна рамка првенствено ќе доведе до моментот на носење одлука за влез во нуклеарната програма. Очекувањата се дека првите две фази ќе траат помеѓу пет и седум години. Според процените на француските експерти, потребни се инвестиции од околу 30 милиони евра за нивна подготовка, по што доаѓаат одлуката и влегувањето во процесот на изградба на нуклеарна централа – изјави министерката Ѓедовиќ Хандановиќ.

Нашиот северен сосед има сериозни проекции за своја идна нуклеарна
централа

Каков тип нуклеарна централа ќе се гради ќе зависи од технологијата, времето и ресурсите што ќе бидат потребни. Студијата вклучува анализа на нуклеарниот пазар, достапноста на нуклеарните технологии, нивните предности и недостатоци, како и анализа на конвенционалните нуклеарни централи и малите модуларни реактори. Обуката на персоналот е договорена со институтот „Винча“.
– Во секој случај, тоа ни дава можност да почнеме да работиме на тој развој, да видиме кои се новите светски трендови, што е подобро за Србија, каков вид нуклеарна енергија ни одговара, какви се нашите потреби. Затоа, секое истражување може да се направи сега – објаснува експертот за енергетика Жељко Марковиќ, експерт за енергетика.
Тој додава дека Французите имаат богато искуство во нуклеарната програма.
– Секако ќе имаме трансфер на искуство, ќе го отвориме патот што Србија треба да го следи ако размислува за развој на нуклеарната енергија – посочува Марковиќ.
Анализата се занимаваше и со преносната мрежа, односно вклучувањето потенцијални нуклеарни централи со одредени капацитети во нашиот преносен систем и кои се чекорите што треба да се исполнат. Во случај на изградба на нуклеарни централи од 2045 година, Србија би била во позиција на нето-извозник на електрична енергија, а пред сè би го намалила учеството на термосекторот.
За да се покријат зголемените потреби за електрична енергија, има експанзија во изградбата на нуклеарни централи во светот. И повеќето европски земји се враќаат на нуклеарната енергија – како чист, безбеден и основен извор што не зависи од временските услови.
Конвенционалните нуклеарни централи обезбедуваат економски предности, додека малите модуларни реактори нудат поголема флексибилност, модуларно проширување и пониски почетни инвестициски трошоци.
– Една технологија сè уште не е технички и технолошки потврдена. Станува збор за мали нуклеарни реактори, кои сè уште се во развој. Имаме комерцијални нуклеарни централи што нудат економии на обем, додека малите модуларни реактори нудат флексибилност, модуларност и нудат пониски инвестициски трошоци – рече Ѓедовиќ Хандановиќ во гостување на РТС.
Студијата покажа дека постои можност за интегрирање на нуклеарната енергија во постојниот преносен систем на Србија, но не во блиска иднина, туку за 15-20 години. Партнерите на Србија во развојот на нуклеарната енергија сè уште не се дефинитивно избрани.

Згодна можност за уште еден претрес (анализа, дебата, синтеза…) на иницијативите за мали нуклеарни централи

Во изминативе неколку години во повеќе наврати беа спомнувани иницијативи за изградба на нуклеарна централа во Македонија, откако Мариово уште во поранешна Југославија беше целено како добра локација за изградба на нуклеарна централа, покрај онаа што беше изградена во Кршко, Словенија, чија енергија ја користат денес сукцесорите од бивша Југославија, Словенија и Хрватска, сега членки на ЕУ.
Во врска со изградбата на нуклеарна централа во Македонија, домашни експерти истакнуваа дека има соодветна локација во рамките на акумулациите како „Тиквеш“, „Чебрен“ и „Галиште“ на Црна Река. Нуклеарна централа се смета за добар проект, но се проценува дека се потребни минимум десет години за започнување на изградбата.
Според дебатите и ставовите на реномирани домашни енергетски експерти, се извлекува охрабрувачки заклучок поради тоа што македонската влада и специјализираното Министерство за енергетика се фокусираат на домашни енергетски капацитети (досега на постојните за базна енергија), но инсистираат и на динамична изградба на нови енергетски капацитети, со особено внимание и на високоефикасноста на производството на енергија, во пакет со нагорниот тренд да се придржуваат до зелените стандарди во таа област. Тоа е позиција што е од длабок национален интерес и треба да се поздрави и охрабри.
Засега, приоритетното тежиште што се идентификува е со претстојните проекти за изградба на когенеративни гасни централи што го користат гасот за производство на електрична енергија. Но повторно нашите соговорници велат дека „од владиниот радар не треба да излезат ниту малите нуклеарни централи“, како една долгорочна енергетски суверена визија.
Имено, последниве години честа тема од областа на енергетиката се малите нуклеарни централи или мини-нуклеарни реактори што се градат на многу локации, иако на некој начин овој нов тип нуклеарни централи сѐ уште се развиваат. Соговорниците инсистираат на уште еден дебатен претрес во врска со ваквите централи, при што ја истакнуваат предноста дека истите тие можат да се постават на секакви локации, нивното монтирање се одвива многу брзо, чинат многу помалку од вообичаените нуклеарни централи, но и понатаму се многу скапи. Дополнително со развојот на технологијата се најавуваат мини-нуклеарки со моќност меѓу 150 и 170 гигавати или уште помали од оние што досега се развиени. Сепак, за Македонија и понатаму има пречки за нивно инсталирање и нивна примена. Инженерите посочуваат дека најголем проблем би бил изворот на финансии.
Извесно е дека Србија, во согласност со меѓународните институции и држави, ќе се мобилизира за реализирање проекти за т.н. мирна примена на нуклеарната технологија, односно изградба и употреба на мали нуклеарни централи. Според некои енергетичари, и ова е шанса за Македонија да учествува како коинвеститор во некои од проектите за мини-нуклеарки.
До средината на векот, Брисел најавува 240 милијарди евра инвестиции во нуклеарни проекти на земјите членки на ЕУ. Србија, исто така, ги разгледува можностите за развој на нуклеарни програми. Околу 430 нуклеарни централи се активни во светот и бројот се зголемува. Производството на нуклеарна енергија ќе биде рекордно годинава, а инвестициите во нуклеарна енергија ќе бидат удвоени до крајот на деценијата.
Според анализите и ставовите на реномирани домашни енергетски експерти, новата влада навистина се фокусира на домашни енергетски капацитети (досега на постојните за базна енергија), но инсистира и за динамична изградба на нови енергетски капацитети, со особено внимание и на високоефикасноста на производството на енергија, во пакет со нагорниот тренд да се придржува до зелените стандарди во таа област. Засега, очигледно е приоритетното тежиште што се идентификува со претстојни проекти за изградба на когенеративни гасни централи што го користат гасот за производство на електрична енергија. Но од владиниот радар не треба да излезат ниту малите нуклеарни централи. Е.Р.