Централната власт го доби приматот на „најголем подмитувач на бизнис-секторот“, со директни и индиректни коруптивни поведенија, главно со барање процент од тендери, нечие вработување или унапредување, донација за политичка партија, подароци или услуги…
Стопанската комора на Македонија со фрапантни резултати од истражувањето за корупција во бизнисот
Вкупно 61 отсто од фирмите се соочиле со корупција од два до пет пати во текот на годината, а повеќе од 20 отсто од компаниите се соочиле – еднаш.
Централната власт е „најголем подмитувач на бизнис-секторот“, со директни и индиректни коруптивни поведенија, главно со барање процент од тендери, нечие вработување или унапредување, донација за политичка партија, подароци или услуги. Повеќето компании не го пријавуваат тоа, едни сметаат дека ќе пропаднат, а други не веруваат дека ќе има каков било ефект. Ова се презентираните резултати од Анкетата со приватниот бизнис-сектор за прашања поврзани со корупција што ја спроведе Стопанската комора на С. Македонија.
Од оние што не прифатиле коруптивно барање, 48 отсто рекле дека имале последици врз бизнисот. Тоа било најизразено преку пролонгирање на нивните активности.
– Според 78 отсто од компаниите, коруптивното барање дошло од централната власт, а според 22 отсто, од локалната власт. Најчестиот облик на корупција биле пари, подарок или услуга, а обидот за нудење мито бил во постапка на добивање дозвола или одобрение, при инспекциски надзор, царинска или тендерска постапка, даночна, судска, катастарска. Две третини од компаниите се соочиле индиректно со корупција, им било дадено до знаење дека нешто се очекува. Веројатно и јавниот сектор е внимателен. Но од 51 одговор, 31 компанија рекле дека ништо не презеле. Едни велат дека дури е и „нормално нешто да се даде“, а многу мал дел пријавиле кај претпоставениот во јавниот сектор. Според компаниите, нема пречки за да пријават корупција, меѓутоа некои не веруваат дека ќе има каков било ефект, а некои се плашат дека тоа ќе има последици врз нивното работење. Многу малку од оние што се соочиле со корупција пријавиле, се бројат на прсти – истакна потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.
Во согласност со анкетата, 30 отсто од компаниите сметаат дека ќе пропаднат ако не прифатат мито, 35 отсто велат дека прифаќањето би им помогнало, но и дека нема да пропаднат ако не прифатат, додека 30 отсто оценуваат дека нема никакво значење дали ќе прифатат мито или не.
– Повеќето компании мислат дека судскиот систем е неефикасен, дека во власта има поединци што сакаат брзо да се збогатат, дека владее морална криза во општеството, како и дека законите не се применуваат. Вкупно 42 одговори од компаниите биле дека нема ефикасна заштита за оние што пријавуваат мито, а 23 одговориле дека се ниски платите на службениците во јавниот сектор, што, според приватниот сектор, е една од причините зошто има корупција – посочи Јовановски.
За 83,3 отсто од компаниите корупцијата е еден од најголемите проблеми во земјата што мора веднаш да се решат, а 96 отсто веруваат дека може да има успех во борбата против корупцијата.
Анкетата е спроведена во март, електронски, а се однесува на 2023 година. Одговориле 138 компании, од кои 75 целосно, на сите прашања. Седиштата на компаниите што одговориле се во 25 општини низ државата, главно урбани, а работат во 48 дејности. Две третини се фокусирани на домашниот пазар, а една третина се извозници, но вклучени биле и фирми што не се членки на Комората.