Бугарија го ратификуваше Договорот со Македонија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
– Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8. Овој Договор во декември беше ратификуван и во македонското Собрание. Со ова се исполнети сите услови за доизградба на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас. Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6 ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери- напиша Николоски.
Тој истакнува дека паралелно се работи на развивање и на Коридор 10.
Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани. Продолжуваме да работиме, истакнува Николоски.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.































