Фото: Министерство за енергетика

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со делегација на Светска банка, предводена од Xiaoqing Yu, на која беше разговарано за тековните и идните проекти во енергетскиот сектор.

Фокусот на средбата бил ставен на модернизацијата на системите за централно греење во Битола и Скопје, како и на активностите за забрзување на зелената транзиција и инвестициите во обновливи извори на енергија.

– Модернизацијата на енергетските системи и инвестициите во обновливи извори се клучни за обезбедување долгорочна енергетска одржливост – истакнала Божиновска.

На средбата било нагласено и значењето на енергетската ефикасност, при што министерката информирала дека се работи на проект за подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради, со кој ќе бидат опфатени вкупно 33 институции.

– Со овие мерки директно ќе придонесеме за почист воздух, енергетска одржливост и економски развој, а бенефитите ќе ги почувствуваат и граѓаните – посочила Божиновска.

Посебен акцент бил ставен и на регионалното енергетско поврзување, како дел од напорите за создавање стабилен и модерен енергетски систем.

Од Светска банка ја поздравиле досегашната соработка и ја потврдиле поддршката за реформите и проектите во енергетиката, со цел унапредување на одржливиот развој и приближување кон европските стандарди.

Двете страни се согласиле дека партнерството ќе продолжи и во наредниот период, со фокус на реализација на стратешките проекти и зајакнување на енергетската стабилност на државата.