Министерката за енергетика Сања Божиновска денеска на надзорната расправа за аерозагадувањето, што се одржува во Собранието, истакна дека Министерството е свесно за влијанието на традиционалните енергетски капацитети, но дека проблемот со загадувањето треба да се бара и во злоупотребата на системот односно користењето на штетни горива од сомнително потекло за лична и имотна корист.
– Да Ве потсетам на последниот случај за кој Обвинителството води постапка – набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти во земјава. И тоа не еден туку мрежа на увозници кои, спротивно на законот, испорачувале горива што не ги исполнуваат ниту основните еколошки стандарди. – а цената, како и секогаш, ја плаќаат граѓаните, со своето здравје и со загадената животна средина. Ваквите случаи покажуваат колку е важно да воспоставиме систем кој не дозволува злоупотреби. Тоа е и суштината на новиот Закон за енергетика – строга контрола и јасни еколошки стандарди- рече Божиновска.
Министерката потенцира дека Министерството е целосно вклучено во спроведувањето на проектите од „Планската програма за почист воздух 2024 – 2030“, кои таргетираат намалување на загадувањето преку инвестиции во почисти извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност. Посочи дека активно се работи на субвенционирање на топлински пумпи и гасни котли во домаќинства, развој на гасни когенеративни централи во урбани средини, модернизација на системите за греење во јавниот сектор, електрификација на такси службата и поддршка за граѓани и бизниси преку „Green Finance Facility“ иницијативата.
Божиновска истакна и дека Министерството работи на обезбедување пристап до природен гас како транзиторна алтернатива и паралелно инвестира во обновливи извори.
– Зелената транзиција мора да биде праведна. Затоа, стратешки остануваме посветени на модернизацијата на РЕК Битола, но истовремено градиме соларни и ветерни централи. Регионалната соработка е клучна. Изградбата на нови интерконекции со Албанија, Грција и другите соседи ќе го зацврсти регионот и ќе ги отвори вратите за поголеми инвестиции- додаде Божиновска, упатувајќи апел за координирана акција на сите сектори.
Надзорната расправа за аерозагадувањето почна во вторникот и ќе трае пет дена.