Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска, учествуваше на пленарната сесија „The Resource Race: Who Controls the Green Future“ во рамки на Астана Интернационалниот Форум 2025, каде што посочи дека критичните минерали стануваат клучен фактор во глобалната енергетска и безбедносна политика, информираа од Министерството.
Во своето обраќање на пленарната сесија, Божиновска истакнала дека преодот кон обновливи извори на енергија и зелените технологии предизвикува побарувачка на критични минерали како литиум, кобалт, бакар и графит, бидејќи, според неа, овие ресурси освен што се важни индустриски суровини – се и стратешки алатки што го обликуваат новиот светски поредок.
Божиновска се осврнала кон улогата на помалите земји во новата мапа на глобални енергетски интереси, како и за перспективите на Македонија, со акцент на одржливо искористување на ресурсите, регионалната соработка и посветеноста на еколошките стандарди и доброто владеење.
– Преодот кон обновливи извори на енергија и зелените технологии предизвикува невидена побарувачка за критични минерали како литиум, кобалт, бакар, графит. Овие ресурси освен што се важни индустриски суровини – тие се стратешки алатки што го обликуваат новиот светски поредок … Во време кога светот се стреми кон декарбонизација, не смееме да дозволиме нова форма на зависност – овојпат не од фосилни горива, туку од минерали под геополитичка контрола- нагласи министерката.
Македонија има потенцијал да стане дел од решението, смета Божиновска, преку одржливо искористување на сопствените минерални ресурси и развој на капацитети за преработка и складирање. Како чекор кон зголемување на флексибилноста на мрежата и подобра интеграција на променливите извори на енергија, Божиновска го посочила новиот Закон за енергетика, кој предвидува дека сите нови енергетски капацитети мора да вклучуваат батериски системи за складирање од најмалку 20 отсто од инсталираниот капацитет, како чекор кон зголемвуање на флексибилноста на мрежата и подобра интеграција на променливите извори на енергија.
– Нашата цел е да изградиме енергетски систем кој е отпорен, одржлив и независен. Тоа значи не само инвестиции во обновливи извори, туку и во технологии за складирање, рециклирање и одговорно управување со минералните ресурси- вели Божиновска.
Според министерката, клучот за успешна енергетска транзиција е во балансирањето на економските интереси, заштитата на животната средина и социјалната правда. Божиновска повика на меѓународна соработка и диверзификација на синџирите на снабдување за критични минерали, со цел обезбедување на стабилна и праведна зелена иднина на сите.