Министерката за енергетика Сања Божиновска и заменик-државниот секретар на САД Кристофер Ландау потпишаа Меморандум за разбирање со цел унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас, во рамки на официјалната посета на македонската владина делегација на САД.
Со документот се потврдува заедничката заложба за диверзификација на изворите и рутите за снабдување, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем и обезбедување стабилен и достапен гас. Воедно, се предвидува јакнење на регионалната поврзаност и интеграција на пазарите.
Потпишувањето се одржа во Вашингтон, во рамките на стратешкиот дијалог меѓу двете земји – платформа насочена кон продлабочување на соработката во енергетиката, економијата, безбедноста и технологијата.
Меморандумот вклучува и конкретни чекори за развој на енергетската инфраструктура, подобрување на транспарентноста на пазарот на гас и отворање можности за финансирање преку јавни и приватни инструменти, како и поддршка од меѓународни финансиски институции.
Во рамките на посетата, Божиновска остварила средби со високи претставници на американската администрација, меѓу кои и во Белата куќа со Џеред Аген, заменик-советник на претседателот Доналд Трамп.
На средбите биле разгледани можностите за продлабочување на соработката и реализација на конкретни проекти во енергетскиот сектор. Од Министерството нагласуваат дека овој чекор претставува значајно зацврстување на стратешкото партнерство со САД и позиционирање на државата како активен фактор во регионалната енергетска мрежа.
































