Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска остварила работна средба со амбасадорката на Словачка во земјава Ивета Хрицова, во насока на унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка меѓу двете држави.
Како што соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, разговорите биле со фокус на можностите што постојат во енергетскиот сектор, трансформацијата на енергетските системи и користењето на словачките искуства во зелените технологии и регионалното енергетско планирање. Соговорничките размениле ставови за тековните процеси, регионалната динамика и патеките за понатамошно институционално приближување.
– Нашиот фокус е стабилен енергетски систем, модерен пристап кон реформите и партнерства што ја носат земјата напред. Словачка е важен пријател и соговорник во тие процеси, а двете земји имаат сериозен простор за повисоко ниво на соработка – истакнала Божиновска.
Амбасадорката Хрицова ја поздравила динамиката на реформите и ја нагласила подготвеноста за продолжување на комуникацијата и продлабочување на соработката во различни области поврзани со енергетската транзиција, модернизацијата и дигиталниот развој.
Во рамки на разговорот било спомнато дека на почетокот на идната година е предвидена посета на мешовита владина делегација, на која разговорите меѓу Македонија и Словачка ќе продолжат на владинo и институционално ниво, вклучително и темите од енергетиката и инвестициите. Министерката Божиновска ќе биде дел од мешовита владина делегација, што ќе ја пречека висока државна делегација од Словачка. Средбата ќе биде посветена и на разговори за енергетска соработка.
– Министерството ја оценува денешната средба како уште еден чекор во градењето стабилно и современо партнерство меѓу двете држави – партнерство што се темели на европските вредности, заемната доверба и заедничките интереси на граѓаните – стои во соопштението.


































