фото: МЕРМС

Енергетскиот сектор минува низ најдинамичниот реформски период досега, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, при учествувото на „Форумот за слобода“, меѓународен политички настан во организација на Унијата на млади сили во Македонија и глобалната мрежа на центар-десни и конзервативни политички подмладоци.

– Се соочивме со обврска сè да се одвива забрзано – да создадеме институција од нула, да ја стабилизираме состојбата и да воспоставиме јасна мисија. Денес можам да кажам: за првпат по долго време Северна Македонија има јасна енергетска насока, конкретни проекти и регионални партнери кои нè гледаат како сериозен играч – истакна министерката.

Божиновска нагласи дека енергетиката е сектор каде нема простор за импровизации.

– Или имаш податоци, стратегија, инфраструктура и партнерства — или немаш ништо. Затоа првата работа што ја направивме беше да ставиме ред: да видиме каде сме, што имаме, што ни недостига и што реално може да се реализира со темпо што го бараат модерните енергетски пазари – рече министерката.

Таа ги презентираше клучните резултати: започната реализација на гасниот интерконектор со Грција, синхронизирана работа со Србија на иден интерконектор, финализирано електроенергетско поврзување со Албанија, нов темелен Закон за енергетика, нови закони за Обновливи извори, за геологија и рударство, енергетска ефикасност, забрзани постапки за приклучување на ветерни и соларни капацитети, тригодишен план за енергетско ефикасно реновирање на јавни згради, подготовка на мастер-план за мрежата и инвестиции.

Во панел-дискусијата таа зборуваше и за регионалната интеграција како предуслов за стабилност.

– Не може држава да се затвори сама и да очекува дека ќе ги реши сите свои енергетски предизвици. Во енергетиката, самостојност без поврзаност веќе не значи сигурност – денес се гледа јасно дека само земјите кои се дел од глобалниот енергетски мрежен систем можат да бидат стабилни – рече министерката Божиновска.

Македонија, посочи, прави пресврт во своето позиционирање.

– Интерконекторот со Грција го менува начинот на кој земјата пристапува до европските пазари и до нови извори на гас. Во паралела, со Србија и Албанија создадовме нова рамка на функционална регионална соработка. Во енергетиката, сами не можете да опстоите. Во минатото седевме сами. Не учествувавме активно на ниту еден значаен форум каде се кроеше енергетската политика – бевме аутсајдери, исклучени од главните европски и глобални процеси. Денес, тоа повеќе не е случај – укажа Божиновска.

На прашањето за затворањето на јагленските капацитети, наведе дека „не постои затворање без план, ниту сигурност без алтернативи и оти поддржува паметни, пресметани чекори со минимален ризик и максимална стабилност“.

– Ние сме целосно посветени на зелената транзиција – но не по пат на брзи импровизации, не на грбот на граѓаните и не без стабилен извор за базна енергија. Да бидеме реални: денес веќе произведуваме над 40 проценти електрична енергија од обновливи извори, но тоа важи кога има сонце, ветер или вода. А енергија ни треба и навечер, и во денови без ветер, и кога хидролошките услови се слаби. Затоа правиме транзиција со ред, со план и со алтернативи. Интерконекторите се нашето осигурување, паралелно инвестираме во обновливи извори и енергетската ефикасност, која за нас е реален производствен капацитет – секој киловат што ќе го заштедиме е киловат што не мораме да го произведеме. Овој сектор не смее да прави драматични, брзи и опасни скокови. Правиме стабилни, и пресметани чекори – затоа што енергетиката е место каде или имаш контрола, план и ред или не си фактор – рече Божиновска.