Како Влада разработуваме модалитети и можности за тоа колку може и дали е можно да се намалат цените на патарините. И од тој аспект ние разработуваме модалитети кои ќе бидат одржливи, изјави вечерва министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој посочи дека ќе се работи на патарините кон Тетово и Гостивар за да се постигне целосно електронска наплата на патарини со што ќе се намали уделот на човечкиот фактор.
– Во 2015 година започна проектот за реконструкција на електронските патарини. Ние веќе работиме и на Коридор 8, патарината кон Куманово е веќе изреконструирана, ќе се работи и на оние кон Тетово и Гостивар со цел да имаме целосно електронска наплата на патарини со што ќе се намали уделот на човечкиот фактор во однос на овој процес – рече Бочварски во „Тема на денот“ на „Сител“.
Бочварски вели дека моделот со винетките не е доволно праведен.
– Со винетките моделот не е доволно праведен затоа што винетка користи и оној граѓанин кој патува секој ден на одредена дестинација и ги користи повеќе патиштата, отколку што некој можеби ќе наплати со регистрацијата винетка, односно, патна такса, а притоа можеби и нема да ги користи јавните патишта. Праведен модел е на тоа кој повеќе патува да плаќа повеќе, отколку некој кој користи само локални патишта – смета Бочварски.
Тој посочи дека 46,4 милиони евра се собрани од наплата на патарини минатата година во ЈП за државни патишта.
– Оваа година, имаме најголем буџет за изградба и реконструкција на патишта, односно над 350 милиони евра, што значи дека многукратно повеќе се вложува во текот на годината односно тоа е проектиран буџет најголем во историјата на независна Македонија за изградба и реконструкција на патишта – потенцира Бочварски.