Фото: „Нова Македонија“

Стабилната регулатива и нејзиното почитување создаваат предвидливост на економијата, а тоа е нешто што е потребно во бизнисот. Честото менување на регулативата создава неред и несигурност на сите нивоа во бизнисот. Последните забелешки што ги упати Светската банка на сметка на домашната економија не се нешто ново, но се товар што го влечеме со години и кој се одразува врз целокупниот живот во земјава. Домашните економски експерти се на слична фреквенција со нив, укажуваат дека здрава и долгорочна законска регулатива поврзана со бизнисите, нејзина транспарентност, како и спроведување на законите се неопходни за да има подинамичен економски напредок

Повод: Законската регулатива и економскиот раст

Долгорочните проблеми што се појавуваат во секој извештај на меѓународните институции се вбројуваат меѓу главните причини за слабиот економски развој на Македонија, проследен со слаб развој на сите полиња во државата. Последните забелешки што ги упати Светската банка на сметка на домашната економија не се нешто ново, но се товар што го влечеме со години и кој се одразува врз целокупниот живот во земјава. Домашните економски експерти се на слична фреквенција со нив, укажуваат дека транспарентноста и спроведувањето на законите се неопходни за напредок.
– Забелешките за недостигот од транспарентност, потребата од спроведување на законите и олеснување на процедурите се долгорочни проблеми, кои бараат систематско решавање. Првиот чекор е дигитализација на административните процеси, што ќе ја намали човечката интервенција и ќе ги направи процедурите побрзи и потранспарентни. Забележете дека ова е клучно и за елиминирање на коруптивните практики во пониските нивоа на јавната администрација, доколку постојат такви. Истовремено, неопходно е да се спроведуваат постојните закони, без селективност, што ќе ја зголеми довербата на компаниите во институциите. За да се реализира тоа, потребни се силна политичка волја и континуирана едукација на јавната администрација, која треба да се трансформира во сервис за граѓаните и компаниите – нагласува професорот Марјан Петрески од Американскиот универзитет.
Професорот нагласи дека на темата работниците како битен сегмент за раст на економијата, иако се индивидуи, државата може да ги насочува или поттикнува со разни стимулации да се ориентираат кон напредни технологии.
– Во однос на работната сила и технологиите, државата може да има значајна улога преку креирање стимулации за компаниите што вложуваат во напредни технологии и иновации. Овие стимулации може да се реализираат преку даночни олеснувања, грантови или јавно-приватни партнерства. Да го спомнеме и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој во сегашната форма не дава никакви резултати, што лично го покажав преку ригорозно квантитативно истражување; наместо тоа, неопходно е грантовите што компаниите ги добиваат да се дистрибуираат пред тие да направат инвестиција, за проект што детално ќе биде евалуиран во поглед на неговата ефикасност, ефективност, поврат итн. – нагласува Петрески.
Тој посочува дека истовремено, неопходно е унапредување на образовниот систем, преку усогласување на програмите со потребите на пазарот на трудот, како и промовирање техничко образование и обуки за работниците.

– Само преку квалификувана работна сила ќе може да се искористат придобивките од модерните технологии и да се поттикне продуктивноста на компаниите – заклучува Петрески.
Првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, неодамна укажа дека растот на БДП во последното тримесечје е позитивна вест, но вели дека многу е важно следната година да биде подобро на секое поле.
– Растот на бруто-домашниот производ од три проценти за третото тримесечје дава поттик и надеж за акција – 2025 да биде година во која секоја наредна година ќе имаме повисока стапка на раст. За таа цел, комората организираше два настана што ги фокусираат нашите приоритети – борба против корупцијата и градење вештини за потребите на бизнисот во високообразовните институции, како продолжение на сето она што го направивме во дуалното образование во средните училишта. Да резимираме, бизнисот е структура што работи на долги патеки и во моментов претставува единствен кохезивен партнер на нашите простори: меѓудржавни, меѓунационални, меѓуверски, генерациски итн. – нагласи Азески.
Неодамна претставниците на Светската банка повторно упатија сериозни критики на сметка на функционирањето на државата. Бараат да се создаде бизнис-околина што ќе биде предвидлива и ќе ги намали трошокот и времето на фирмите во делот на административните и бирократските барања. Исто така предлагаат формирање иновативен екосистем што ќе ги доближи новите технологии и знаења до македонските фирми, финансиски сектор што ги опфаќа сите форми и ќе нуди разновидни финансиски услуги со кои ќе се подобри ликвидноста на фирмите и интеграција и на регионалниот и на европскиот пазар. За да се подобри тоа, укажуваат оти се потребни финансиски независни пазарни институции што ќе го дерегулираат пазарот, како што се Развојната банка, Комисијата за заштита на конкуренцијата.
– Во Македонија извозот е еден од главните двигатели на развојот, но е многу концентриран на еден пазар, германскиот, концентриран е во автомобилската индустрија и во релативно мал број големи фирми, така што е многу голема концентрација на ризик – наведе Татјана Маркоска, специјалистка за развој на приватниот сектор во СБ.
Менаџерката на Одделот за развој на економијата во Светската банка, Валерија Пероти, во презентација на наодите од извештајот „Бизнис реди“ на СБ, алатка со која се мапираат места што може да се подобрат, посочи дека во државава има јаз во јавните услуги. Пероти ја пофали Македонија оти има највисок резултат во поглед на почнувањето бизнис, при што се добри практиките за регулативата за сопствеништво на бизнисот или времето за регистрирање нова компанија, а во поглед на услугите за струја и вода, има добри механизми за поплаки и добри тарифи. Е.Р.


Стапки на економски раст, Народна банка

Година Процент на раст на БДП

2023 2,1
2022 2,8
2021 4,5
2020 -4,7
2019 3,9