Фото: „Нова Македонија“

Цената не е причината што голем број граѓани добиле невообичаено високи сметки за електрична енергија, туку тоа што броилата покажале повисока потрошувачка, односно во прашање е отчитувањето, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, во телевизиско гостување, додавајќи дека до регулаторот стигнале стотина жалби за високите сметки за струја.
– Она што го направи универзалниот снабдувач е дека очигледно таму има предвидување на потрошувачката, има грешки и граѓаните со право се незадоволни. Годинава имаме 99 претставки, односно жалби за сметки за струја. Сега почнуваме да носиме одлуки и најголем дел од нив се позитивни за граѓаните, со што му се наложува на „ЕВН хоум“ да ги коригира сметките. Станува збор за ситуации каде што на граѓаните прво од ЕВН им рекле дека нивните сметки се во ред, па тие се обраќаат кај нас – објасни Бислимоски.
Претседателот на РКЕ наведе дека технички е невозможно ЕВН да ги прегледува сите броила, па затоа се прави предвидување на потрошувачката. Тој посочи и дека универзалниот снабдувач потоа мора да ги прифати позитивните решенија и најчесто на потрошувачот му се компензира со пребивање од следните сметки. Е.Р.