Фото: МИА

Линеарното намалување на акцизите и даноците значи целото население подеднакво да се заштити. Доколку Буџетот има такви средства и капацитет тоа да го поднесе, тогаш тоа би била мерка за сите граѓани на државата, смета претседателот на Советот за високо образование и стратешки истражувања во Стопанската комора, Глигор Бишев.

Според него, пренесува МИА, за време на криза која предизвикува раст на цените и инфлација, прашањето е како тоа што е помалку произведено и што е помалку за потрошувачка, да се распредели. Во пазарните економии, нагласува Бишев, тоа го прави пазарот, преку механизмот на цените.

-Секојпат кога има криза предизвикана од економски или неекономски фактори, тоа значи дека има кусок на производство, кусок на стоки и услуги. Тоа, пак, значи дека потрошувачката ќе мора да се сведе во други рамки. Очигледно кризата е толку голема што предизвикува и раст на цените, инфлација. Во такви услови, прашањето е како тоа што е помалку произведено и што е помалку за потрошувачка, треба да се распредели. Во пазарните економии, тоа го прави пазарот преку механизмот на цените и од тој аспект, другите механизми на распределба од минатото, де факто не даваат никакви резултати. И тука, клучното прашање е како да се заштитат ранливте категории на населението, оние со низок животен стандард, а тоа е работа на социјалната и буџетската политика. На тој план, загушувањето на пазарниот механизам може да даде многу понегативни резултати. Значи, мора да се остави, и во такви услови, пазарот да функционира, а ранливите категории, оние што се најпогодени, да бидат заштитени со соодветна социјална политика – изјави Бишев, одговорајќи на новинарски прашања пред денешното отворање на Програмата за развој на стартап бизниси во Комората.