Најдобро е клиентите пред да патуваат во друга држава да се информираат за висината на надоместоците при користењето на платежните картички во странство, кои се наведени во тарифниците на домашните банки (подигнување готовина од банкомат, плаќање на постерминал и интернет-плаќање), ни изјавија во Народната банка
При користењето на платежните картички во странство, потребна е малку поголема претпазливост
Годишните одмори се во полн ек. А со тоа и патувањата и престоите на посакуваните летни дестинации за одмор и рекреација. Со тоа, граѓаните си поставуваат низа прашања: колку девизи да носат во готовина или, пак, плаќањата во целост да бидат со банкарски картички, што е побезбедно, посигурно, на кој начин да се плаќа за да се заштеди на одредени провизии. Во основа, тоа е дилемата на секој граѓанин и на секое македонско семејство кога тргнува на летен одмор во странство. Со зголемувањето на бројот на корисниците на платежни картички и подобрувањето на меѓународниот банкарски промет сѐ повеќе туристи се одлучуваат во својот паричник да ја понесат само банкарската картичка, со намера да ги намалат финансиските грижи при плаќањето на сметувањето, хотелските и угостителските услуги, набавките за храна и облека и за разни други мали летни задоволства. На овој начин, тие одлучуваат да ги прифатат условите што им се поставуваат од тамошните трговци и банкари за користењето платежни услуги, за размена на валути или за вадење готовина од банкомати или од шалтерите на странските банки. Токму овде се наоѓа и опасноста од плаќање повисоки и скриени трошоци за кои корисникот не е информиран или, пак, не посветил доволно внимание при користењето на платежната картичка во странство.
За време на летниот период можеме да слушнеме или да прочитаме за нечие непријатно искуство при користењето на банкарските картички во странство. Затоа граѓаните треба да бидат претпазливи кога и во какви ситуации ја користат картичката, а кога е подобро да му се плаќа на некој локален трговец, угостител, таксист… Најчесто туристите се изгорени од повисоките провизии за подигање пари од банкомати во странство, кои може да бидат над минимално пропишаната стапка, која е одредена од матичната банка. Некои од туристите се жалат дека провизијата е повисока и од сумата што ја подигнале од банкомат или од сметката што ја платиле во некоја продавница. Вообичаено е за вадење поголеми износи од други банки да наплатуваат повисока провизија од таа што е утврдена од матичните банки. Надоместот за извршената трансакција, според досегашното искуство на некои наши граѓани, вообичаено се движи од три и четири евра, но и до четири отсто од вкупната сума што е подигната од банкомат.
Од почетокот на 2023 година заклучно до денес, до Народната банка има пристигнато седум поплаки поврзани со платежните картички, од кои само една поплака се однесува на користењето платежна картичка во странство. Станува збор за резервација на кредитна картичка при плаќање хотелски услуги и истата таа е решена во корист на клиентот. Утврдено е дека се работи за грешка на хотелот и парите се вратени на сметката на клиентот, нѐ информираа од Народната банка на Македонија.
Секоја банка има различна деловна политика, односно има различна висина на надоместок за подигнување готовина на шалтер или од банкомат во странство, некогаш тоа изнесува одреден процент од вредноста на подигнатите пари, а некогаш станува збор за фиксен износ со утврдување минимален и максималeн праг од страна на банката, без разлика колку пари се подигнуваат. Доколку корисникот на картичката подигнува готовина од банкомат на банката што ја издала картичката, во тој случај провизиите се пониски или може воопшто да ги нема, во согласност со ценовната политика на банката (вообичаено за дебитните картички нема провизија), за разлика кога би се подигнувала готовина од банкоматите кај други банки.
Нема дополнителни надоместоци за плаќање со картички во странство во трговијата (физички места на продажба), корисникот единствено ги плаќа надоместоците за користење на картичката во согласност со условите од договорот што го склучил со домашната банка што му ја издала картичката. Но постојат курсни разлики ако се плати со картичка што е врзана за денарска сметка. Можно е да има надоместоци за плаќања поврзани со купување производи и услуги преку интернет, предупредуваат советниците за платежни картички во НБ.
Во однос на конверзијата, ако плаќате со дебитна или кредитна картичка што е врзана за вашата денарска сметка, во тој случај, со оглед на тоа што износот што треба да се плати е во странска валута, конверзијата од денари во странска валута се врши во согласност со условите наведени во договорот за издавање на картичката.
– Секоја банка на својата интернет-страница објавува податоци за условите за користење на платежните картички, како и за надоместоците поврзани со нив. Доколку некоја информација што ги интересира граѓаните не може да се најде на интернет-страниците на банките, најдобро е за истата таа граѓаните да се информираат кај банкарските службеници од нивната банка пред патувањето во странство. Најдобро е клиентите пред да патуваат во друга држава да се информираат за висината на надоместоците при користењето на платежните картички во странство, коишто се наведени во тарифниците на домашните банки (подигнување готовина од банкомат, плаќање на постерминал и интернет-плаќање) – ни изјавија во Народната банка.
Од централната банка советуваат дека при користењето на платежните картички е потребна вообичаената претпазливост. Корисниците на картички најмногу треба да внимаваат да не ја изгубат картичката, да не им ги откриваат податоците од картичката на непознати лица, да не ја користат картичката за плаќања преку интернет од јавно достапни компјутери и сл.
Кога граѓаните се одлучуваат за извршување на плаќањата преку картичка или во готовина, треба да имаат ги имаат предвид предностите што ги даваат платежните картички од аспект на ефикасноста, едноставноста на картичките како платежен инструмент и отсуството на ризик од чување готовина (од аспект на безбедноста, но и од аспект на царинските ограничувања за внесување средства во државата). Доколку преку платежната картичка се подигнува готовина во странство може да се наплати провизија, што е уште еден аргумент во корист на директната употреба на платежните картички за плаќања во странство.
– При плаќање со кредитна картичка предноста е во можноста за користење на лимитот одобрен од банката, за што граѓаните треба да бидат свесни дека е всушност користење позајмени средства што се враќаат со камата. Не постои голема разлика помеѓу дебитна и кредитна картичка од аспект на можноста за злоупотреба. Најдобра опција е граѓаните да инсталираат можност за добивање известување преку СМС за секоја реализирана трансакција – појаснуваат во Народната банка.
На тој начин во реално време се добива информација кога картичката на клиентот се користи за плаќање и доколку не ја користел тој самиот ќе има можност брзо да реагира до банката. Пожелно би било да имаат телефонски контакт од банката каде што е издадена картичката со цел побрза реакција во случај на изгубена картичка или сомнеж за неавторизирани трансакции. Во такви случаи, потребно е веднаш да се јават за да ја блокираат. М.Ј.
Како да постапат граѓаните во случај кога се оштетени
Во случај кога се оштетени, граѓаните треба да се јават најнапред во својата банка, односно во банката од каде што ја имаат извадено картичката. Во секоја банка има можност граѓаните да достават поплака преку електронска пошта или во самите експозитури на банките со пополнување соодветен образец со неопходните податоци. Дополнително, може да достават поплака и до Народната банка на Македонија.
Заради подобра заштита на правата на корисниците на платежни картички, Народната банка се грижи и за финансиската едукација на граѓаните и на интернет-страницата и има објавено едукативни текстови и материјали за разни возрасни групи. Во однос на користењето на платежните картички има објавено едукативен текст во рубриката Економија за секого со наслов: Што треба да знаете за дебитните и кредитните картички, на линкот: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-sto-treba-da-znaete-za-debitnite-i-kreditnite-karticki.nspx, како и едукативни видеа на темите „Современи начини на плаќање“ и „Безбедносни аспекти кај платежните картички“ на следните линкови: https://www.youtube.com/watch?v=HPzi3STBKkQ и https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-so-narodnata-banka-vo-svetot-na-finansiite.nspx.
Совети кога е подобро да се плати во готовина
Финансиските консултанти во странство даваат повеќе корисни совети за тоа како граѓаните да плаќаат во различни деловни субјекти, а нивна препорака е да се поседува помал износ на готовина за одредени набавки:
– При купување на производите што можете да ги вратите подобро е да користите готовина. Некои лица не ја пробуваат купената облека во продавница. Во случај да го вратат производот, ќе мора да почекаат на поврат на сумата доколку е платена преку картичка и да поминат неколку дена за да биде регистриран вратениот износ.
– Кога купувате за време на патување, користењето готовина може да ви помогне да избегнете непотребни издатоци. Доколку се наоѓате во друга земја, за користењето кредитна картичка може да платите и значителен износ за меѓународни плаќања.
– Користењето готовина е корисно и за други секојдневни потреби, а тоа се малите набавки на храна. На овој начин се избегнува импулсивно пазарање за повеќе поситни производи кога се плаќа со картичка. Така, полесно се контролираат дневните трошења, како и можноста за плаќање надомест за пречекорувања на дебитните и кредитните картички.
– Да се избегнува плаќање за производи од непознати продавачи на интернет-страниците, поради можни злоупотреби со издавање финансиски податоци за картичката.
– На некои бензински пумпи во странство плаќањето на горивото може да биде поскапо за вредноста што ќе ви биде наплатена за извршена трансакција од банката или од издавачот на картичката. При плаќањето на горивото најдобро е да се плати во готово, за да се искористат и попустите. Бензинските пумпи се погодна локација за измамниците, кои можат да користат и уреди („скимери“) за кражба на податоци од кредитната картичка.