Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ребалансот на буџетот прво ги апсорбира сите мерки што беа преземени од март оваа година со цел справување со кризата и второ тоа што не чека во текот на наредниот период, изјави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во гостување во емисијата 24 Анализа на Телевизија 24, Бесими посочи дека ако буџетот бил планиран на 545 милиони евра дефицит, сега е некаде на ниво од 695 милиони евра.

– Инфлацијата се зголемува во однос на првичните 2,4 проценти и проекциите се дека во просек ќе биде 7,2 отсто. На светската сцена се променија работите, се случија непредвидливи работи. Стана пракса на три месеци да гледаме ревидирање на проекции – вели Бесими.

Тој истакна дека и покрај разните шпекулации, никој не можел да ја предвиди војната во Украина и за тоа што се случува сега, додавајќи дека „ние сега живееме во период на постојани кризи“.

Исто така, во делот на имплементација и енергетска сиромаштија министерот вели дека 80 проценти се субвенционираат во државата, но тоа никој не го гледа на смета. Во иднина, тој додаде дека тоа ќе стои колку е сметката и колку од тоа плаќа државата, а исто така и новата блок тарифа, што ќе помогне во аспект на енергетска ефикасност.

– Тоа што во овој период не загрижува е дека движењето на цените во период на неизвесности содржи шпекулации, екстра профити, искористување на позиција и за жал пазарот нема етика, функционира врз основа на рационални очекувања. Имаме ситуација наречена „over shooting“, кога економските трговци антиципираат идни покачувања и ги вградуваат во цените, а купувачите во недостаток на информации се соочуваат со понудата што ја имаат. Не може граѓанинот да го носи целиот товар, а не може некој да гледа можност и да искористува. Ако трговците ги зголемуваат цените нереално високо, тогаш народот ќе бира која храна ќе ја купи – порача министерот Бесими.

Тој заклучи дека на никој не му одговара поскапувањето и оти е бесмислено некој да се надева на повисоки приходи од инфлацијата.