Испративме година која ја завршивме со позитивни движења во економијата иако се уште беше присутно влијанието од кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19, притисокот врз цените на светските берзи што се чувствуваше и во нашата економија, како и енергетската криза, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, откако Министерството за финансии соопшти дека во Буџетот во 2021 година е остварена реализација на вкупните приходи за 15,3 проценти повеќе во споредба со 2020 година, додека кај капиталните расходи е забележан раст на реализацијата од 45,2 проценти во однос со 2020 година.
Cпоред наводите од министерството, натфрлање на планираното е забележано кај приходите од даноци и придонеси за 2 проценти, додека дефицитот е реализиран во износ од 38,8 милијарди денари или 5,4 проценти од БДП што е понизок од проектираниот за 2021 година од 6,5 проценти од БДП.
Бесими додаде дека мерките и севкупните политики што ги спровеле придонеле 2021 година да заврши со економски раст од 4,1 проценти, кој е во согласност со проекцијата за растот на БДП и можност тој и да се надмине.
– Економијата во првите девет месеци од 2021 година достигна раст од 4,6 проценти. Индустриското производство во ноември забележа раст од 4,7 проценти, извозот во периодот јануaри-октомври има раст од 22,8 проценти, финалната потрошувачка раст од 4,5 проценти, бруто-инвестициите забележаа реален раст од 3,4 проценти во првите девет месеци, невработеноста падна на историски најниско ниво од 15,7 проценти, додека просечната нето плата исплатена во октомври забележа раст од 4,5 проценти во однос на октомври претходната година – вели Бесими.
Овие движења, според него, се рефлектираа во успешната реализација на проектираните приходи во буџетот, така што во 2021 година имаме натфрлување во реализација на даночните приходи и придонесите кои заклучно со 31 декември достигнаа ниво од 102 проценти од планираното со ребалансот во јуни 2021 година, кога истите беа ревидирани нагоре во однос на почетниот Буџет, и тоа за 5 проценти даночните приходи, а за 1,3 проценти придонесите.
– Приходите од даноци и придонеси во 2021 година имаат реализација од 196.309 милиони денари, кои во споредба со 2020 година имаат зголемување од 13,2 проценти. Кај даночните приходи најголемо натфрлување има кај ДДВ од 7,3 проценти или остварена е реализација на ниво од 107,3 проценти, односно по овој основ во буџетот се слеани 58.194 милиони денари. Од персонален данок на доход слеани се 20.552 милиони денари и реализиран е со 98,86 проценти од планираното. Кај ДДВ има 24,1 проценти повеќе остварени средства во однос на 2020 година, додека кај персоналниот данок на доход има раст од 10,3 проценти .
Вкупните расходи се реализирани на ниво од 257.353 милиони денари или 95,87 проценти од планираното и бележат раст од 5,7 проценти во споредба со 2020 година. При тоа кај капиталните инвестиции во 2021 година се бележи повисока реализација за 45,2 проценти споредено со тој период претходната година. Односно во 2021 година реализацијата на капиталните инвестиции е на ниво од 23,4 милијарди денари што претставува реализација на 79 проценти во однос на планираните средства. Значајно е дека реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ. Ова дава оптимизам за реализирање на големи капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст 2022-2026, но и реализација на планираните капитални инвестиции во 2022 година кои се на историски највисоко ниво досега со учество од 14 проценти во вкупните расходи“ објаснува министерот Бесими.
Капиталните расходи, како што додава тој, во оваа година се проектирани на износ од 38,2 милијарди денари и се за 28,3 проценти повеќе во споредба со 2021 година. Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Република Грција и други.
Во 2022 година останува посветеноста на грижата за заштита на здравјето на граѓаните, економското заздравување и забрзување на растот и зголемување на инвестициите при истовремена фискална консолидација, непречено финансирање на основните функции на државата, како и поддршка на реформските процеси во правосудството и евроатлантските интеграции.
– Сите политики во оваа година ќе бидат насочени кон постигнување на стапка на БДП која ќе го надмине нивото од пред ковид-кризата, односно растот на БДП е проектиран на ниво од 4,6 проценти, воден од порастот на бруто-инвестициите од 8,5 проценти, зголемена извозна активност од 8,1проценти, зголемена потрошувачка и вработеност со по 3,1проценти, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и започнување период на забрзан раст од над 5 проценти годишно – заклучува Бесими.