Фото: Фејсбук

Поголеми даноци за граѓаните и фирмите со стартот на идната година. Од 1 јануари треба да стапат на сила новите оданочувања, за кои Министерството за финансии веќе води дебата бизнис заедницата и стручната фела.

Министерот Фатмир Бесими во колумна објаснува што се треба да донесе даночната реформа, но не открива дали ќе се менува прогресивниот данок и колку би изнесувал.

– Суштината на даночната реформа која ја планираме се базира на зголемување на даночната основа, без притоа да се зголемат даночните стапки. Забрзано ќе се спроведува и Акцискиот план за сузбивање на неформалната економија, во насока на воведување на неформалниот сектор во формалниот и со тоа дополнително зголемување на базата која подложи на даноци – вели Бесими.

Иако според Бесими новиот концепт за даночна реформа бил изработен транспарентно, сепак признава дека во текот на дебатата ќе има многу „за“ и „против“ лоби групи. Засегнатите страни засега официјално немаат излезено со став околу новата реформа, но владата вели дека биле дефинирани пет приоритети, односно поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите, и воведување на еколошко (“зелено“) оданочување.

– Кај данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност, предвидени се концепти на реформи на даночната политика и усвојување на предлог измени на законите, како и имплементација на новите законски решенија…Со ова ќе се овозможи и креирање на фискален простор за спроведување на активна даночна политика за стимулирање на инвестиции на приватниот и на јавниот сектор во технологии кои поддржуваат зелена транзиција и дигитална трансформација, со цел поддршка на стратешките приоритети на земјата во овие домени – пишува Бесими во колумната.

Она што сега дополнително ги загрижува граѓаните е што со ваквите измени од први јануари ќе треба да плаќаат и данок на каматата од штедните влогови кои ги имаат во банките.