Концептот на даночна реформа, за кој Министерството за финансии отвори широка дебата во јавноста, денеска беше претставен од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими пред претставници на политички партии и меѓународни фондации.
Како што информира Министерството за финансии, како и на сите досега одржани состаноци во рамки на јавната дебата на средбата присуствуваше раководството на Управата за јавни приходи и Царинската управа.
-Отпочнавме процес на широки консултации и дебата со сите заинтересирани страни. Тоа е основно за една демократска држава како што е Северна Македонија, а претставува и алатка за дизајнирање на решенија кои ќе имаат поддршка и кои ќе бидат одржливи на долг рок. Низ консултациите досега слушнавме различни мислења, ставови, аргументи, денеска ќе ги слушнеме и вашите и сметам дека на ваков консултативен, инклузивен и транспарентен начин ќе дојдеме до системско решение кое ќе доведе до она што е цел, воспоставување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем на долг рок – рече министерот Бесими.
Тој додаде дека консултациите за овој процес се отпочнати уште во 2020 година паралелно со анализите на перформансите на даночниот систем и потребите за негово унапредување, што значи дека предложениот Концепт не е еднократно решение кое се носи во време на криза со главна цел за зголемување на буџетските приходи.
-Даночните стапки, а особено учеството на даночните приходи во БДП во Северна Македонија е пониско од земјите од ЕУ и од регионот. Ова, како земја која се стреми да ги достигне стандардите на ЕУ и квалитетот на јавните услуги, покажува дека се потребни промени. Затоа и го почнавме овој процес со донесување на Стратегијата за даночна реформа и преку ваков сеопфатен пристап да дојдеме до најоптималното решение – потенцира министерот.
Тој посочи дека реформата е важна за идниот економски раст и праведноста во даночното оптоварување и дека очекува низ конструктивен дијалог да се добие поддршка за реформа што ќе биде дефинирана откако ќе заврши дебатата и ќе се слушнат сите засегнати страни.
-Ова е реформа која се однесува на сите. Секој е даночен обврзник и треба да се гледа целината, односно целта која се сака да се постигне и да се надминат личните интереси. Тоа е придонес кон општата благосостојба во земјата, рече министерот Бесими, кој додаде дека очекува од политичките партии застапени во Парламентот поддршка за ова прашање како што претходно се постигна за Законот за финансирање на локалната самоуправа и Законот за буџети.
-Тоа покажува дека не се стремиме кон унапредено прибирање само на приходите, туку и кон реформи за поголема ефикасност и транспарентност како се трошат тие прибрани приходи. Со новиот Закон за буџети се воспоставуваат фискалните правила кои го утврдуваат буџетскиот дефицит, нивото на јавниот долг, се утврдуваат механизми за поефикасно трошење на буџетските средства, а се унапреди и фискалната децентрализација – истакна министерот Бесими.
Додаде дека се преземаат и мерки за намалување на сивата економија, односно мерки кои ќе придонесат за формализација на неформалната економија.
Иницијативата за дебата за концептот на даночна реформа на состанокот беше оценетa како позитивен придонес во изнесување на различни мислења и нивно инкорпорирање во крајните решенија.
Концептот на реформи на даночната политика се темели на петте приоритети дефинирани во Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025). Тоа се: поголема праведност во оданочувањето; поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите; зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите и афирмирање на еколошката даночна политика.
Станува збор за реформа која етапно ќе се имплементира во период од 2023 до 2025 година, а која ги содржи и препораките од меѓународнтие организации.
Јавната дебата започна на почетокот на овој месец.