Како што ветивме – ги стабилизираме цените на храната. Од денес, граѓаните нема да плаќаат ДДВ за основните производи за исхрана! Со тоа ќе се делува кон цените на храната и на висината на потрошувачката кошничка, односно кон зачувување на стандардот на граѓаните, напиша министерот за финансии Фатмир Бесими на Фејсбук.
Бесими посочува дека укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи е резултат на измените на Законот за ДДВ, предложени од Министерството за финансии како дел од 26-те антикризни мерки за справување со тековната ситуација предизвикана од руско-украинската криза.
– Ќе истакнам повторно, никој не вели дека ќе биде лесно, но стоиме зад тоа дека ќе има борба, од Владата, за да граѓаните што помалку ги почувствуваат притисоците од руско-украинскиот конфликт. Тоа впрочем го докажавме и со антикризните мерки за време на пандемијата со кои значително беа амортизирани ефектите врз економијата и за кои добивме најдобри оценки од меѓународните финансиски институции – наведува Бесими во статутот на Фејсбук.
Од денеска со нула проценти ДДВ се продаваат лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти, свежото месо, оризот и јајцата.