Нема место за паника, нема да има притисок врз цените, ниту ќе има ценовни шокови. Земјава има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Моментно нема потреба да се стават во фунција, имајќи предвид и дека производителите на овие основни производи имаат залихи за период над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
„Складирачи“ празнат рафтови: Нема драстични поскапувања, но има страв
Тој апелира сите трговци да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи зашто од неа, како што истакна, нема никој да загуби и највеќе ќе добијат потрошувачите, односно граѓаните на државата.
Според Бектеши, анализите покажуваат дека руско-украинскиот конфликт директно не би влијаел врз македонската економија, имајќи ја предвид трговската размена, пренесе МИА.
-Кризата индиректно може да влијае, посебно во делот на енергенсите зашто директно сме поврзани со над 70 отсто од трговската размена со ЕУ, но ги преземаме сите соодветни мерки на дневна основа за да нема ценовни шокови, посебно за клучните производи кои се најважни за потрошувачите и нашите граѓани – истакна министерот.
Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало стапи во сила денеска, а минатиот вторник ја донесе Владата по предлог на Министерството за економија. Со тоа, престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31 мај годинава.