Некои економски експерти сметаат дека причините што нашите компании го намалиле интересот за инвестирање се различни, но еден од главните фактори се зголемените каматни стапки на деловните банки (кои се реферираат на референтните каматни стапки од централните банки). Во една претпоставена состојба, кога централните банки пошироко и интегрално би ги опсервирале економијата и развојот (вклучувајќи ги целото стопанство, индустријата итн., а не само финансиите) и би се грижеле и за севкупниот економски развој, тогаш би практикувале и инструменти за стагнирање или, пак, намалување на референтните каматни стапки (без разлика на големиот банкарски страв од инфлацијата), и на економските оператори (компаниите), преку политиките на деловните банки, би им овозможиле поевтини пари за кредитирање и за инвестирање, а со тоа и економски просперитет и перспективен развој
Народната банка констатира намалување на побарувачката на корпоративни кредити
Сѐ помалку компании бараат кредити од македонските банки. Ова го покажуваат резултатите од анкетата за кредитна активност, реализирана од страна на Народната банка. Во четвртиот квартал на 2023 година, анкетата укажува на поумерено нето-намалување на побарувачката на корпоративните кредити, во споредба со претходната анкета. Нето-намалувањето на побарувачката во четвртиот квартал е во согласност со очекувањата за нето-намалување, наведени во претходната анкета. Според Народната банка, анализирано од аспект на факторите што влијаат врз побарувачката на корпоративните кредити, инвестициите во основни средства се клучен фактор што придонесува за нето-намалување на кредитната побарувачка, и тоа значително посилно во споредба со претходната анкета.
Заклучно со декември 2023, вкупните кредитни пласмани на банките во корпоративниот сектор изнесуваат 276,2 милијарди денари и за една година бележат раст од незначителни 1,9 отсто. Најголем дел од кредитните пласмани на банките се во трговијата на големо и мало, каде што на крајот од минатата година биле пласирани кредити во износ од 82 милијарди денари.
Минатата година компаниите најмногу се обраќале кај банките за задолжување за алтернативно финансирање на бизнисите, односно за инвестиции во резерви и обртен капитал, интерно финансирање, преструктурирање на долгот и за заеми од други банки.
Анкетата на Народната банка покажува дека во 2022 г. компаниите сѐ уште биле расположени за инвестиции во раст на бизнисот, но многу помалку отколку во периодот 2017-2019 година, кога се забележува најголема побарувачка за кредити за инвестиции во основни средства.
Во анализата на Народната банка се забележува дека се менува и структурата на другите кредити што им се потребни на компаниите. Во периодот од 2013 до 2022 година значително била изразена побарувачката на кредити за инвестиции во резерви и обртен капитал, но веќе во 2023 г. драстично се намалува.
Кредитната побарувачка забележа високи стапки на раст во текот на кризата со цените на храната и енергијата
– Да забележиме дека кредитната побарувачка забележа високи стапки на раст во текот на кризата со цените на храната и енергијата, што беше одраз на ликвидносните потреби на фирмите сврзани со набавките на енергенти, но и други инпути по повисоки цени. Така што, спласнувањето на побарувачката во овој период примарно би го припишал на нормализацијата на оваа појава, односно стабилизацијата или намалувањето на цените на енергентите и другите инпути – истакнува универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Како што вели тој, ако гледаме преку растот на кредитирањето, ние немаме намалување на кредитната активност, таа и понатаму се зголемува, но со пониски стапки од претходните години, и се сведува на просекот или блиску до просекот, од нормални години на стопанисување.
– Сепак, одредено секундарно влијание веројатно играат затегнатите финансиски услови и забавувањето на економијата, но, според моето мислење, тоа влијание, барем во моментов, е значајно помало. Од друга страна, банкарскиот систем останува висококапитализиран и високоликвиден. Гледано според стапката на адекватност на капиталот, таа е далеку поголема од пропишаниот минимум, што севкупно укажува дека имаме стабилен финансиски систем што може да ги сервисира кредитните потреби и на фирмите и на граѓаните – укажува Петрески.
Главен фактор – високите каматни стапки
Според размислувањата на универзитетскиот професор Зоран Ивановски, генерално намалувањето на побарувачката на кредити е очигледен знак за недостигот од инвестирање. А во економијата е познато дека инвестициите се главен фактор за раст и развој на една економија. Теоријата вели, а праксата покажува дека државите што во минатото реализирале многу повеќе инвестиции по жител, денес имаат многу поразвиено стопанство и многу поголем животен стандард за граѓаните.
– Домашните компании не се подготвени да инвестираат во нови технологии затоа што се соочуваат со високи финансиски ризици и не може да постигнат одржливост во нивната работа. Причините за намалената побарувачка не треба да се бараат кај банките, кредитирањето е нивен основен извор на приходи, а сведоци сме дека имаше примери дека и со повисоки камати интересот за кредитирање беше забележлив – потенцира Ивановски.
Според Ангел Димитров, управител на текстилната компанија „Мода“, намалената побарувачка за кредити од страна на компаниите, сигурно влијае на намалениот обем на инвестиции и тоа го покажуваат податоците на Народната банка.
– Во 2023 година инвестициите во опрема изнесувале 565,5 милиони долари, а во 2022 година 683,8 милиони долари, што претставува намалување од дури 17,3 отсто. Во економијата е познато дека инвестициите се главен фактор за развој на една економија. Да нагласам дека анализите покажуваат дека државите што во минатото имаат реализирано многу повеќе инвестиции по жител, денес имаат многу поголем животен стандард. Не случајно во време на кризи, кога приватниот сектор се воздржува од инвестирање, државите инвестираат големи средства во јавни инвестиции, кои најчесто се во големи инфраструктурни објекти и на тој начин го одржуваат економскиот развој – објаснува Димитров.
Намалената побарувачка за кредити од страна на компаниите влијае на намалениот обем на инвестиции. Во 2023 година инвестициите во опрема изнесувале 565,5 милиони долари, а во 2022 година 683,8 милиони долари, што претставува намалување од дури 17,3 отсто. Во економијата е познато дека инвестициите се главен фактор за развој на една економија. Анализите покажуваат дека државите што во минатото реализирале многу повеќе инвестиции по жител, денес имаат многу поразвиено стопанство и многу поголем животен стандард за граѓаните
Во тој контекст повеќе економисти сметаат дека причините што нашите компании го намалиле интересот за инвестирање се различни, но еден од главните фактори се зголемените каматни стапки на деловните банки (кои се реферираат на референтните каматни стапки од централните банки). Во една таква состојба, кога централните банки пошироко и интегрално би ги опсервирале економијата и развојот (вклучувајќи го стопанството, а не само финансиите) и би се грижеле и за вкупниот економски развој, тогаш би практикувале и инструменти за стагнирање или, пак, намалување на референтните каматни стапки (без разлика на големиот страв од инфлацијата), и на економските оператори (компаниите), преку политиките на деловните банки, би им овозможиле поевтини пари за кредитирање и за инвестирање.
– Зголемените каматни стапки ги одвраќаат компаниите од инвестирање, баш затоа и во услови на висока инфлација народните банки ги зголемуваат каматните стапки за да ја намалат потрошувачката. Така, во услови на зголемени инвестиции имаме зголемена потрошувачка, која позитивно влијае на економскиот раст, а во услови на намалени инвестиции имаме намалена потрошувачка, која ја намалува инфлацијата, ама, за жал, и економскиот раст – посочува Димитров.
Според него, покрај зголемените каматни стапки, не треба да се занемаруваат и другите фактори, како што се: политичката неизвесност, очекувањата за промена на фискалната политика, ризиците што ги носи војната во Украина, намалениот раст во европските држави, особено Германија, недостигот од стручен кадар и другите неизвесности во работењето на компаниите.