Отворено обраќање од Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, до бугарскиот премиер Кирил Петков
Господине Кирил Петков, министер претседател на Министерскиот совет на Република Бугарија, на самиот почеток, како дипломец на „Колумбија“ и на „Харвард“ и како бизнисмен, сакам да ги поздравам Вашите изјави со кои најавувате нов пристап спрема решавањето на споровите меѓу нашите две држави. Тоа е значаен напредок затоа што претходниот пристап ја доведуваше мојата држава во понижувачка позиција, а Вие, сигурно, ќе се согласите дека таква понижена не му треба никому. Малку ли е тоа што Европејците ни се смеат за нивото на економска соработка, кое 30 години е 4,5 до 6 % од вкупниот обем на македонската трговска размена со светот, и за едноличната структура на трговијата, која може да се наброи на десет прсти: во извозот руди од олово и концентрат, од цинк и од бакар, тутун неизлижен и плосновалани производи од железо, а во увозот масла, нафтени деривати, сурово масло од сончоглед и специјални трансакции и производи што не се класифицирани? Ни се смеат и за четирите часа што ни се потребни со кола да прејдеме 150 километри меѓу двата наши главни града и што 30 години не можеме железнички да се поврземе. Да не зборувам за граничите премини, кои се асоцијација на деветнаесеттиот век. Малку ли е тоа? А сега, наместо да се извлечеме од тој срам, треба да се расправаме со историски комисии за нешто што нашите мигрирани млади генерации во светот воопшто не ги интересира. Дајте утре во Скопје направете комисија за иднината и решете ги овие прашања. Ние во бизнисот конкуренцијата ја победуваме и ја елиминираме, ама не ја понижуваме, затоа што таа може да се врати во друга форма и да ни го прави истото.
Зошто Ви се обраќам Вам, а не на нашиот премиер? Ние во бизнисот сме практични луѓе и знаеме кој е кој во политичките „игранки“. Вие сте министер претседател на земја членка на Европската Унија и на НАТО. Земја која има своја независност 150 години, неколкупати поголема од нашата. Тежината на вашиот збор и на вашата проекција да се направи нешто повеќе е одлучувачка. Токму затоа Република Бугарија и Вие како нејзин прв министер сте најодговорни за тоа. Кога би биле на Ваше место, ние денеска не би им робувале на протоколарните агенди. Ние би прашале што би договориле денеска конкретно на економски план за да ја поттикнеме соработката, за да се поврземе железнички, за да направиме автопат, за да отвориме нови гранични премини, за да ги модернизираме постојните, за да ги поттикнеме бизнисмените и за да ја олесниме трговијата. Сето тоа има многу поголема додадена вредност од повторувањето на фразите што нѐ доведоа дотука каде што се наоѓаме.
Втората причина зошто Ви се обраќам Вам се вредностите на западот кон кој чекориме. Јас совршено добро знам дека анкетите што ги правите во врска со прашањето за почетокот на преговорите со Европската Унија на мојата држава се со ниски бројки. Но западните вредности зборуваат за лидерство во оние моменти кога бројките се едно, а реалноста сосема друго. Оној кој ќе го направи тоа и кој ќе ја преземе одговорноста да оди против бројките, верувајќи во некое друго решение, останува запаметен како лидер, а сите други како министер претседател.
Сега малку не за нашата историја, туку за историјата на политичките ветувања врзани за економијата.
– Во согласност со Договорот за економска соработка меѓу владите на двете земји, првата седница на Македонско-бугарската меѓувладина комисија за економска соработка се одржала на седми март 2019 и оттогаш не е состаната.
– Од 1999 година сме потпишале спогодба за редовен воздушен сообраќај, која и по 22 години не е спроведена.
– Заедничко аплицирање за фондовите за прекугранична соработка и Ваша поддршка при користењето на европските фондови.
– Изградба на втор интерконектор Петрич – Струмица.
– Вложување по 400 милиони евра за изградба и за модернизација на пругата од ваша и од наша страна.
– Апсолутен приоритет на Коридорот 8 и кај нас и кај вас.
Ќе се согласите дека од сето ова многу малку или воопшто не е направено.
Господине Петков, сите ние живееме под исто небо, но немаме ист хоризонт. Широк хоризонт имаат само мал број луѓе. Вие како 51. премиер на Р Бугарија од 1879 година до денес имате историска шанса да бидете првиот што гледа најдалеку на хоризонтот. Ние, како најстара институција во мојата држава, која оваа година слави 100 години и која ги застапува компаниите на доброволна основа, кои создаваат 50,3 % од вкупниот приход и кои имаат 47,6 % нето-добивка и 33,7 % вработени, стоиме на располагање за да помогнеме во тој правец и за да учествуваме со сиот свој капацитет во процесот кој ќе овозможи во наредните две години да го подигнеме нивото на економска соработка на една милијарда американски долари, а историчарите нека расправаат колку што сакаат затоа што тие имаат време, а нашето време е скапо и се плаќа со големи камати и со разноразни оптоварувања, кои и натаму опстојуваат и кои би било добро да бидат тема на некоја следна средба. Ви посакувам добар престој и успешни разговори и Ви се извинувам ако нешто од ова обраќање биде разбрано поинаку од еден конструктивен предлог.