Европските лидери се обидуваат да ја придвижат состојбата за да поттикнат враќање на нуклеарната енергија, која беше запоставувана минатите децении. Но експертската јавност стравува дека можеби веќе е доцна. Имено, поддржувачите на нуклеарната енергија велат дека обновливите извори на енергија нема да можат да ги задоволат сите енергетски потреби на ЕУ поради количеството простор што го зафаќаат и потребата за резервна опција ако ветерот не дува или ако сонцето не сјае
Анализа на „Блумберг“: Нуклеарна ренесанса на Европа?!
Длабоката и предолга економска криза, корона-кризата, војната во Украина и сите последици од неа, како и огромните трошоци за зелената транзиција и нејзината неефикасност, вклучувајќи ги и нефлексибилноста за употребата на нуклеарната енергија и постојаното одложување на новите иновации (како што се малите модуларни реактори), значат дека енергетскиот сектор во Европа сѐ уште е во нокдаун, а економијата многу тешко страда од ваквиот негативен енергетски удар, односно недостиг од електрична енергија.
Задутре нуклеарен самит во Брисел за враќање на атомската енергија назад на енергетската сцена
Група од десетина земји, предводени од францускиот претседател Емануел Макрон, ќе се приклучи на првиот нуклеарен самит во Брисел в четврток, за да ја натера Европската Унија да го запре текот на настаните што продуцира сѐ повеќе и повеќе недостиг од електрична енергија. Имено, двојната криза (и климатска и енергетска криза) треба да ја катапултира атомската енергија во центарот на индустриската стратегија на Европската Унија. Времето за новите зелени инвестиции, кои би дале значаен придонес кон климатските цели на Унијата, а да не се одразат на индустријата е истечено, затоа што стопанството на земјите на Европа стагнира, па и назадува. Во еден таков контекст, итно и неодложно се организира нуклеарен самит во Брисел за враќање на атомската енергија назад на енергетската сцена. Локацијата на состанокот е симболична. Водачите и делегатите од земји, вклучувајќи ги и Кина и САД, се собираат под 100 метри високиот Атомиум (модел на еден атом, со огромни димензии – т.н. „лендмарк“ на Брисел), со светски познатите девет топки на светлата иднина на нуклеарната енергија, кој беше изграден како централен дел на белгиската светска изложба во 1958 година. Седум децении подоцна, земјата го закочи сопствениот нуклеарен излез, продолжувајќи ги двата преостанати реактора за 10 години.
Ни треба нуклеарна енергија!
„Имаме традиција од повеќе од 70 години во нуклеарната енергија“, рече Александар де Кро, белгискиот премиер, пред самитот за нуклеарна енергија. „Од нето нула и геополитичка перспектива, клучно е европските земји да играат улога во тоа. Ни треба нуклеарна енергија“!
Војната во Украина помогна да се поттикне обновениот интерес за технологијата во Европа. Поддржувачите велат дека обновливите извори на енергија нема да можат да ги задоволат сите енергетски потреби на ЕУ поради количеството простор што го зафаќаат и потребата за резервна опција ако ветерот не дува или ако сонцето не сјае. Атомската енергија може да помогне и во производството на водород за индустријата, уште едно гориво што е во центарот на европските планови за енергетска безбедност.
Но децениите на запоставување нема лесно да се отстранат. Додека Кина има 23 нуклеарни реактори во изградба, ЕУ има само два – еден во Словачка и еден во Франција. Германија, некогаш пионер, излезе од атомското производство минатата година како дел од долго планираниот одговор на загриженоста за јавната безбедност.
Развојот на мали модуларни реактори (СМР), кои се сметаат за погодни замени за постројки за фосилни горива, предизвика интерес од 15 земји членки на ЕУ, но сè уште се најмалку една деценија од замисливо пуштање во сериско производство.
Кина и Русија, пак, веќе ги имаат во функција.
– Дефинитивно е доцна. Посакувам да не гледавме таков пад на нуклеарната енергија, особено во Европа – вели Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија.
„Блумберг“: Просечната капитална цена на нов реактор во Франција е девет милиони долари по мегават, трипати повеќе отколку во Кина
Голем дел од Европа и САД сè уште се потпира на циклусот на нуклеарно гориво на Русија за напојување на реакторите. Тие немаат капацитет во клучните тешки индустрии, како што е производството на специјален челик, потребен за изградба на повеќе погони. Нуклеарните научници за време на најславниот период на секторот се блиску до пензионирање и нема сознанија дека постојат доволно човечки ресурси за повторно да ги пополнат редовите. Одделот на Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ за конкретна поддршка на индустријата претрпе намалување на буџетот за 20 отсто.
Но најголемите предизвици се финансиите и наоѓањето инвеститори. Просечната капитална цена на нов реактор во Франција е девет милиони долари по мегават, трипати повеќе отколку во Кина, според сознанијата на „Блумберг“.
– Нуклеарната енергија нема корист од поддршката на меѓународните финансиски институции. Многу од нив сè уште имаат одредби за исклучување на нуклеарната енергија, што е апсурдно – рече Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Нуклеарната алијанса, група од околу 12 земји на ЕУ предводени од Франција што лобираат нуклеарната енергија да се стави на исто ниво со обновливите извори на енергија, сака Европската инвестициска банка да помогне за да се намалат тие трошоци со цел да се поттикне „нуклеарна ренесанса“, се вели во нацрт-декларацијата, која била достапна до новинарите на „Блумберг“.
– Дури и без додавање нов капацитет, инвестициите потребни за замена на сегашната генерација застарени реактори, од кои многумина работат на позајмено време, се „зачудувачки“ – рече Ив Дезбазеј, генерален директор на „Нуклеар Јуроп“, трговска групација со седиште во Брисел.
– Нема тука само една единствена бариера, туку ги има многу – вели тој. Е.Р.