Фото: Маја Јаневска-Илиева

Законот за работно ангажирање лица – добредојдена новина на домашниот пазар

  • Самите работодавци истакнуваат дека новината е добредојдена за домашниот пазар и ќе овозможи ангажирање работна сила што досега
    поради разни бариери не биле во можност да ја активираат, но сметаат дека и понатаму ќе има недостиг од работници на пазарот. Надлежните очекуваат со овој закон да се формализираат до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица

Намалување на сивата економија, односно на непријавената работа на некои работници, намалување на бројот на луѓе што работат „затскриено“ или без да бидат платени придонесите, се дел од придобивките што се очекуваат со почетокот на примената на Законот за работно ангажирање лица. Сепак, влијанието врз намалувањето на потребите од работна сила, проблем што честопати го истакнуваат бизнис-заедниците, ќе биде минимално, велат упатените.
Самите работодавци истакнуваат дека новината е добредојдена за домашниот пазар и ќе овозможи ангажирање работна сила што досега поради разни бариери не биле во можност да ја активираат, но сметаат дека и понатаму ќе има недостиг од работници на пазарот.
– Организацијата на работодавци на Македонија многу одамна имаше иницијатива за донесување на еден ваков закон, со кој ќе се олесни вработувањето пензионери, студенти и други корисници на разни социјални примања, кои избегнуваа редовен работен однос и најчесто работеа на црно.
Донесениот Закон за работно ангажирање лица ќе донесе одреден напредок во поглед на намалувањето на работењето на црно, но поради неговите големи ограничувања нема да има големи ефекти – укажува Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.

Ограничување на дејностите во кои може да се ангажираат работници

Димитров за „Нова Македонија“ објаснува дека има многу „ограничувања“ во законското решение, кои го кочат ангажирањето на работната сила, и истакнува дека тоа се одразува на одредени сектори, бидејќи законот овозможува ангажирање работници само во неколку гранки.
– Најпрвин е ограничувањето на дејностите, каде што е предвидено вакви ангажирања да се можни само во земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување и сервисни дејности за храна и во дејностите на домаќинството. На овој начин се исклучени многу други дејности, особено од преработувачката индустрија, градежништвото и други, кои исто така имаат потреба за ангажирање вакви лица. На пример во градежништвото недостигаат работници ракувачи на специјални градежни машини и пензионерите се заинтересирани да работат, но не сакаат да ја изгубат пензијата – вели Димитров.
Тој додава дека, според него, нема причина зошто ваквиот ангажман е предвиден само за сезонска работа. Но исто така укажува дека и временското ограничување е дополнителен проблем за намалување на потребите од работна сила.
– Понатаму, многу е ограничен периодот на ангажирање на овие лица. Така, само во областа на земјоделството, шумарството и рибарството лицата може да се ангажираат 180 дена во текот на календарската година, додека за ангажирање лица во угостителството и хотелиерството максималниот период е 60 дена во една календарска година. Овде постои и друг вид на ограничување, а тоа е бројот на ангажираните лица може да биде максимум до 10 отсто од вкупниот број на вработени лица кај истиот работодавец – објаснува Димитров.

Невработените се или без или со високо образование

Потоа Димитров додава дека иако ја разбира идејата на предлагачите предност да им се даде на невработените лица, а не на пензионерите и студентите, сепак, состојбата на пазарот на трудот е таква што, и покрај активните мерки и политики за вработување, многу мал дел невработени се пријавуваат на огласите.
– Проблемот е што половината од невработените се со основно или без основно образование или, пак, лица што имаат некакви дипломи, па очекуваат вработување во согласност со добиената диплома и најчесто очекуваат вработување во администрацијата. Затоа најпрвин со робусна акција на центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување мора да го прочистиме списокот на невработени, да видиме каде се тие луѓе, дали работат на црно, дали се работоспособни и зошто не се пријавуваат на огласите за преквалификација и доквалификација. Тогаш ќе имаме почиста слика за состојбите со невработеноста. Од друга страна, почетните резултати од овој закон ќе ни дадат информации за тоа колкав е интересот за ваков тип на вработување и кај работодавците и кај пензионерите, студентите и други лица и какви измени треба да се направат за да може законот да ги оствари целите за кои е донесен – заклучува Димитров.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, пак, истакна дека овој закон е значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и формализацијата на сивата економија.
– Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците – нагласи министерот.
Тој додава дека и досега министерството спроведувало разни активности, како што е Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека некои од лицата остануваат надвор од формалните текови. Министерот нагласува дека поради тие причини е донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање работна сила.

Олеснети процедури и формализирање на над 17 илјади работни места

Надлежните укажуваат дека законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Со овој закон се овозможува ангажирање вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнатите права, вклучувајќи и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем. Притоа, предвидено е дека, во првата фаза, законот ќе ги опфаќа секторите во кои сивата економија е најизразена, а тоа се земјоделството, шумарството, рибарството, сместувањето, сервисните дејности за храна и активности во домаќинствата.
Надлежните очекуваат со овој закон да се формализираат до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.
– Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавците. Работодавците добиваат флексибилност и поедноставни административни постапки, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права – потенцира министерот. Е.Р.