Вработените во фабриката за шински возила „Колска“, кои денеска протестираат во Скопје, бараат средба со владини претставници за да се најде решение за нивниот проблем со блокираната сметка поради која не можат да функционираат.
– Чекаме некој од надлежите да се одважи и да не прими. Проблемите во „Колска“ се веќе подолго време, а решение нема. Затоа сме дојдени пред Владата да ни кажат дали „Колска“ ќе работи и како ќе работи. Бараме да ни кажат што понатаму – велат вработените.
Доколку се затвори фабриката, како што посочуваат, вработените ќе останат без работа, а сервисирањето на вагоните на „Македонски железници“ ќе се прави во други држави затоа што „Колска“ е единствената фабрика кај нас која ги сервисира вагоните.
– Ако дојде до затворање на фирмата, 74 вработени ќе останат без работа, а вагоните на „Македонски железници“ ќе мора да се сервисираат во други држави, ќе има одлив на девизи по други држави – посочија вработените во „Колска“.
Сметката на „Колска“ е блокирана поради заостанат долг од околу 650 илјади евра направен во периодот од 2013 до 2017 година. Поранешното раководство на фабриката не плаќало ДДВ поради што е направен долгот.
– Во периодот од 2013 до 2017 година поранешното раководство на „Колска“ воопшто не плаќале ДДВ поради што направиле долг од околу 650 илјади евра. УЈП бара од „Колска“ тој долг законски да се плати во рок од три години по 20 илјади евра месечно. Ние тој долг не можеме да го платиме со овој број на 70 вработени што останаа на работа. Можеме да си го платиме само за тековниот месец, односно онаа работа што сега ја работиме, само за неа можеме да платиме ДДВ – изјави вчера директорот на „Колска“ Мите Јанков.
Вработените вчера претпладне два часа го блокираа патниот железнички сообраќај на железничката станица во Велес.