Фото:АХВ/Фејсбук

Официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во рамки на 350-те вонредни засилени контроли пред велигденските празници како небезбедни уништија 1.230 килограми различни видови производи, најмногу месо, преработки и подготовки од месо, но и јајца, бои, мед, ракија, маслиново масло и други производи, информираат од АХВ.

За утврдените недоследности со вонредните контроли на операторите со цел спречување на пласирање на небезбедна храна и нелегална трговија со јајца, бои за јајца во пресрет на велигденските празници, како што велат, АХВ изрече казни во висина од 3.650 евра во денарска противвредност и издаде 22 решенија со наредби за нивно отстранување.

-Во услови на зголемена побарувачка на храна пред претстојните празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да пазарат само од одобрени/регистрирани оператори за храна кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата. Да се внимава на декларациите на производите, нивното означување и рокот на употреба и температурниот режим на чување, особено на леснорасипливите, бидејќи во спротивно тие може да бидат небезбедни за граѓаните- порачуваат од АХВ.

Ги охрабруваат граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на [email protected].