„Еуромакс ресурси“ се длабоко разочарани од одлуката на Владата еднострано да го раскине договорот за концесија за рударската област Иловица 6, бидејќи компанијата е цврсто уверена дека сите нејзини обврски се навремено завршени. Главниот оперативен директор на компанијата, Патрик Форвард, вчера објасни дека компанијата инвестирала повеќе од 50 милиони евра во проектот.
– Ние разбираме дека причината за откажување е наводното немање на сите потребни документи од нашата апликација за дозвола за експлоатација. Сепак, можам да кажам дека сите документи зависеа од завршувањето на другите процеси со Владата. Нашите апликации датираат од пред речиси четири години, бевме трпеливи и вредно работевме заедно со Владата да ја завршиме постапката за нашето одобрение – рече Форвард, кој го претстави и тимот на правници што ќе работат на случајот.
Адвокатот Габриел Лански истакна дека „Еуромакс“ има силен случај за заштита на меѓународните инвеститори, но тие ќе се обидат да преговараат заедно со Владата за да се реши спорот.
– Сите договори предвидуваат, пред да се извести за арбитража во меѓународен центар за арбитража, оштетената страна, а тоа е „Еуромакс“, и Владата заеднички да преговараат за да го решат овој спор – објасни тој.