Министерството за финансии соопшти дека, со поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, продолжува реализацијата на инвестиции за унапредување на енергетската ефикасност во јавните здравствени установи и регионалните болници во земјата.
Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор се спроведува преку Проектната единица при Министерството за финансии. Преку компонентата „Инвестиции во енергетска ефикасност во објектите од централната власт“, односно во здравствените установи и регионалните болници, обезбедена е финансиска поддршка во вкупна вредност од 9,21 милион евра за реконструкција на објекти со примена на мерки за енергетска ефикасност.
Од Министерството информираат дека во овој циклус успешно се реализирани енергетски ефикасни реконструкции на 15 јавно-здравствени установи низ државата, со што се подобрени условите во здравствениот сектор и се овозможени долгорочни заштеди на енергија.
Реализацијата на инвестициите придонесува за намалување на потрошувачката на енергија и оперативните трошоци на установите, како и за обезбедување поквалитетни услови за пациентите и здравствените работници – се наведува во соопштението.
Министерството за финансии посочува дека останува посветено на обезбедување стабилна финансиска поддршка и партнерства кои носат долгорочни придобивки за заедницата, преку поттикнување на енергетската ефикасност, фискалната одговорност и одржливиот економски развој.

































