Фото: Маја Јаневска-Илиева

Растот на трговскиот дефицит отвора многу прашања, меѓу кои и која е вистинската причина за тоа? Зошто перманентно со децении сме во трговски дефицит? Како да се стави точка на тој негативен економски феномен? Дали пандемијата и економската криза, кои ги зафатија светот и нашата земја, резултираа со удар врз извозните компании, колку тие настрадаа и дали воопшто кризата беше тежишна причина за намален извоз на домашните извозни компании, од кои некои затворија изминатиов период? Очигледно дека е време за нови економски политики, велат економските експерти

Галопирачкиот македонски трговски дефицит под лупа на стручната Јавност

Последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика за увозот и извозот од земјава укажуваат на продлабочување на увозната зависност на нашата земја. Трговскиот дефицит во периодот јануари – октомври 2021 година изнесува 128.553.126.000 денари или скоро 2,5 милијарди долари. Покриеноста на увозот со извоз во споменатиот период е 73,3 проценти. Македонија со години се соочува со трговски дефицит и истиот тој во изминатите две години достигнуваше околу две милијарди долари, сепак, оваа година дефицитот доби нагорна линија. Во текот на 2019 година, трговскиот дефицит изнесувал 2,2 милијарди долари, додека покриеноста на увозот со извоз 76,2 отсто. Трговскиот дефицит во 2020 година изнесувал две милијарди долари, а покриеноста на увозот со извоз 76,1 отсто.
Растот на трговскиот дефицит отвора многу прашања, меѓу кои и која е вистинската причина затоа, зошто перманентно сме во трговски дефицит, дали пандемијата и економската криза што ги зафатија светот и нашата земја резултираа со удар врз извозните компании, колку кризата беше причина за намален извоз на домашните извозни компании, но и дали некои од нив затворија изминатиов период?

Во кои стопански сектори најмногу се увезува

Од податоците може да се забележи дека најголем удел во увозот во земјава имаа секторот храна, при што сме увезле производи во вредност од скоро 722 милиони долари (721.889.000), додека пак сме извезле производи во вредност од скоро 384 милиони долари (383.996.000). Потоа, големо учество во увозот имаа и секторот минерални горива, мазива и сродни производи, чија вредност оваа година достигнал 884 милиони долари, додека извозот само 117 милиони долари. Високо е и учеството на секторот животински и растителни масла, масти и восоци, за што се одлеале 60 милиони долари, додека се извезeни производи во истата категорија во висина од 14 милиони долари.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов за „Нова Македонија“ посочува дека било очекувано годинава трговскиот дефицит да е поголем од минатата или предминатата година бидејќи поскапуваат сите производи во странство, почнувајќи од репроматеријали, енергентите, па да производи во малопродажба.
– Иако растат цените на увозните производи, за жал, кај извозот немаме толку голем пораст бидејќи цените на производите што се извезуваат од Македонија или не растат или растат со помало темпо. Бидејќи секоја година сме во дефицит, а оваа година дополнително поради растот на цените, тој ќе биде поголем, ќе го платиме преку намалување на нашиот животен стандард. Растот на дефицитот произлегува од структурата на македонската економија или од нејзината лоша или слаба конкурентна способност, бидејќи не можеме да произведуваме извозни производи што би биле поскапи и на тој начин да заработуваме повеќе – укажува Узунов.

Специјализирани сме за сегменти каде што немаме предности, а не се специјализираме за сектори за кои имаме предиспозиции, како што е
производството на храна

Професорот Ванчо Узунов укажува дека една од главните причини што придонесуваат за слабата конкурентност на домашните производи е и недостигот од знаење! Според него, доколку има идеја или знаeње за исплатлива инвестиција, пари ќе има, но недостигаат знаeње и иновативност. За трагедијата да биде уште поголема, од анализата на истражувањето за трговскиот дефицит, токму најголемиот удел во увозот во земјава има во секторот храна каде што можеме да имаме одлични резултати.
– Ние стравуваме од растот на цените, бидејќи увезуваме храна, а можеме да ја произведеме, ние сме погодна земја за производство на храна. Податоците покажуваат дека имаме поголем увоз на храна и пијалаци отколку извоз, што е сигнал за лошата специјализација или лошата конкурентност на нашата економија. Специјализирани сме за сегменти за кои немаме предности, а не се специјализираме за сектори за кои имаме предиспозиции, како што е производството на храна. Земјоделството потфрлува во сегментот производство на храна, и тоа со децении, не е само оваа или неколку години претходно. Причината е секако во земјоделската политика, бидејќи на оваа гранка кај нас се гледа како на начин за преживување и со неа се занимаваат претежно повозрасни луѓе што сѐ уште живеат во руралните средини или во селата. Наместо да имаме модерно фармерско земјоделство каде што ќе бидат насочени најдобрите образовани ресурси и да извезуваме храна, и тоа преработки на земјоделски производи, но и свежа храна, и сега со растот на цените да се радуваме на поголем прилив, ние сме повторно во лоша позиција – посочува Узунов. Професорот смета дека треба да се бараат начини како ќе ги искористуваме потенцијалите што ги имаме, додавајќи дека интелектуалните сили треба да се насочат кон изнаоѓање модели што ќе резултираат со поголемо производство, да се покријат домашните потреби, но и да се извезува.
Кон увозната зависност придонесува и енергетската зависност на земјава, вели професорот и потенцира дека и во овој сегмент мора да се најдат начини да се користат предностите кои ги имаме.
– Увезуваме гас и нафта бидејќи ги немаме, но дополнително расте и учеството на увезената струја, сѐ помалку произведуваме електрична енергија. И тука треба да изнајдеме начини да ги користиме предностите што ги имаме, како што е сончевата енергија. Наша предност е што имаме сонце, но ние дури сега вложуваме во централи за искористување на сонцето, а сѐ уште немаме доволно домашно производство – потенцира Узунов.

Зошто слаба конкурентност

Економистот Горан Рафајловски потенцира дека проблемот со трговскиот дефицит во земјава е многу комплексен, а со растот на увозот стопанството дополнително ја губи конкурентноста.
– Проблемите се многубројни и во повеќе области, почнувајќи од лон-производство, кое зависи од нарачките од странство, од партнерите во странство што во пандемијата и од друго место го обезбедиле потребното количество стока, дополнително транспортните проблеми, поради што се одлучуваат и за поскапи варијанти, но не и за лон-производство како што се применува кај нас. Сведоци бевме на затворени текстилни компании, и тоа е само една од причините зошто имаме намален извоз и намалено производство. Но проблемот е уште поголем. Немаме македонски производ што може да се пласира на пазарите, но и немаме компании што можат да конкурираат на странските пазари, туку претежно имаме мали компании, не компанија со тежина. Македонија нема стопанство и производ што се извезува. Затоа велам проблемот е многу комплексен и потребни се системски решенија што ќе понудат излез од ситуацијата, да се утврди во кој правец ќе се движи македонската економија, каде што ќе се инвестира. Ако го земеме земјоделството како сектор, треба да се работи на извоз на преработки, полуфабрикати, целосни производи, не само свежи продукти… Растот на дефицитот е доказ дека нашата економија нема вредност. Имаме сериозен проблем, кој е многу комплексен, дополнително нашата економија сѐ повеќе ја губи вредноста како економија – укажува Рафајловски.
Бизнисменот укажува дека состојбата со трговскиот дефицит е резултат на политичката ситуација во државата.
– Во состојба кога државата е најголем работодавач нема економија, туку се глуми економија. Земјоделството во нашата земја како гранка е целосно уништено, особено откако ги воведоа субвенциите. Наместо да направат мелиорациски систем, наместо да обезбедат соодветни услови за работа, од семиња, па сѐ до осигурување на нивите, потоа план и програма за обработка за окрупнување, тие даваат субвенции. Парите што се дадени во последниве 12 години за субвенции, да се инвестираа во соодветни мерки за земјоделско производство сега ќе разговаравме за сериозни индустрии од областа на конзервната индустрија и други области. Но ние сме земја без концепт, се гледа само денот да пројде, без концепт, без идеја и без желба да се поправи нешто – потенцира Рафајловски.

Државата да даде поттик во насока на подобрување на конкурентноста на компаниите

Првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, истакнува дека на домашните компании им се потребни знаење, истражување и инвестиции во современи производи што се барани на странските пазари.
– Многу е важно да се потенцира дека на македонските компании им требаат знаење, истражување, признавање на трошоците за истражување и модели за поттикнување да се инвестира во нови модели за пакување, означување, брендирање, безбедност итн. Нашите производи сѐ уште се за странските потрошувачи небезбедни, иако се безбедни, ние ги користиме, но во споредба со стандардите во ЕУ или други земји, нашите не покажуваат толку голем информативен капацитет, за да ги доведат потрошувачите во сигурна зона на купување. Дел од производите не се приспособени на потребите на пазарите. Ние имаме компании што имаат направено голем напор и ги следат трендовите на светските новитети во поглед и на квалитетот на производите што ги пласираат, но и во поглед на изгледот на пакувањето и информациите што ги пласираат за производите. Но вакви компании имаме малку – укажува Бошков. Тој смета дека државата во насока на подобрување на конкурентноста на компаниите треба да вложува во основните предуслови, како што се соодветните патишта, гасификација, олеснување на граничните тешкотии, олеснување на легислативата и дополнува дека и компаниите треба да се посветат на инвестиции во капитални трошоци наместо вложување во луксузни потреби.


Кој е ставот на стопанските комори

Претставниците на Сојузот на Стопански комори на Македонија (ССК) укажуваат дека во формирањето на цените на производите големо учество имаат енергентите што се користат, поради што укажуваат дека во оваа криза поскапувањето на струјата бил негативен за нивната работа, но и дека мора да се работи на извозниот пласман.
– Енергентите играат многу важна улога во крајната цена на чинење на производите, од што директно зависи нивната конкурентноста при извозот. Високите цени на енергентите без преземени мерки за подобрување на енергетска ефикасност може да влијаат многу негативно на работењето на претпријатијата. Во изминатиот период требало да се изградат стратегии и политики и да се преземаат конкретни мерки за подобрување на енергетската ефикасност, а за жал на тоа не се работело. Нашите компании треба да работат на подобрување на извозниот пласман, кој е слаб и без енергетската криза, преку подобрување на ефикасноста, дигитализација на производните процеси, подобрување на продуктивноста, препознавање на индивидуалните потреби на крајните потрошувачи и креирање производи за нивно задоволување – велат од ССК.
Претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија посочуваат дека од статистичките податоци не може да се добие јасна слика за извозните капацитети на земјата.
– Извозените производи што се произведуваат во Македонија се од висок квалитет и стандарди, но, за жал, значителен дел од истите тие се од компаниите што се со странски капитал и кои се наменети за компании и пазари во странство. Но ние увезуваме повеќе отколку што извезуваме. Имаме и наши компании со претставништва во други земји. Ова значи дека многу од евидентираните извезени добра во регионот се производи што се увезувани и не се домашен производ, што значи дека и статистиката за извоз иако е точна, не дава реална слика на тоа колку ние како земја имаме извозни капацитети. Поскапувањето на енергентите има сериозно влијание кога станува збор за покачување на цените на производите, бидејќи под истата криза се и државите од Европската Унија од кои ние увезуваме, и делумно инфлацијата е увезна, но сепак и домашната криза на енергентите им ги зголемува оперативните трошоци на компаниите, трошоци што се рефлектираат кај цените на производите – објаснува Дриљон Исени, извршен директор на СКСЗМ.