За една недела отпуштени 3,3 милиони Американци
Рекордни 3,3 милиони Американци се пријавиле за добивање надомест за невработени минатата недела, што е најмногу во американската историја. Досега рекордот го држеше неделата од октомври 1982 година, кога 695.000 луѓе добиле отказ.
Бројката од 3,3 милиони невработени е еден од најмногубројните показатели за тоа како кризата со коронавирусот ќе влијае врз американската економија, за која Конгресот во средата одобри помош од 2.000 милијарди долари.
Пред три недели само 200.000 луѓе се пријавиле за надоместоци за невработени, што беше најмалку во историјата. „Њујорк тајмс“ пишува дека шокантниот број откази не го отсликува вистинскиот удар врз американската економија, бидејќи многу американски работници не можат да аплицираат за надомест, а станува збор за оние што работат половина работно време, оние што имаат многу ниски плати, самовработените и оние што работат со договор на дело.
Аналитичарите сметаат дека ова е само почеток и дека следните бројки ќе бидат уште попоразителни. Тие стравуваат и дека кризата поради пандемијата на коронавирусот целосно ќе го избрише економскиот раст во последните 10 години.
Администрацијата на Трамп првпат по 50 години ја спушти бројката на невработени под четири отсто. До минатата недела во САД имаше нешто помалку од шест милиони невработени, односно 3,5 отсто, така што овие 3,3 милиони се пораст од речиси 50 отсто.
Социјалните мрежи го зголемиле бројот на корисниците, но не и приходите
„Фејсбук“ информира дека поради пандемијата на коронавирусот бележи повеќе корисници, додека приходите му се намалени.
Гласовните пораки и видеоповиците на сервисите на Фејсбук, Месинџер и Ватсап, се повеќе од удвоени на подрачјата што најтешко се погодени од коронавирусот, објавија првите луѓе на „Фејсбук“.
– Како што се шири пандемијата и луѓето сè повеќе се дистанцирани, паралелно сè повеќе ги користат нашите апликации – изјавија заменик-претседателот на Одделот за аналитика Алекс Шулц и заменик-претседателот на Инженерскиот оддел Џеј Парик.
Најмногу порасна бројот на корисници на бесплатните услуги, на размена на пораки, кои не остваруваат приходи од огласите.
Фејсбук има повеќе од две милијарди корисници, а спаѓа меѓу големиот број компании, кои очекуваат тешки последици во работењето поради актуелната криза.
Особено се очекува негативно влијание врз интернет-огласувањето бидејќи многу клиенти се откажуваат од маркетиншките кампањи, а во сегментот на целно огласување владее хаос.
„Твитер“ на почетокот на неделата ја повлече процената за добивка во тековното тримесечје, наведувајќи го како причина влијанието на пандемијата врз приходите од огласувањето, иако расправата за кризата во добар дел се водела токму на оваа социјална мрежа.