Шестиот пакет-мерки, усвоен на денешната 66-та седница, опфаќа седум мерки, со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона-кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, при што ќе се поддржат 10.000 компании, кои вработуваат приближно 60 илјади граѓани, соопштија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Развојната банка, Кире Наумов, на заедничката прес-конференција.
– На сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30 % од приходите, износ што ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицира за деновите во кои овие дејности беа затворени. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка од вработен, заклучно со 6.4.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти, кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра. На речиси ист принцип, со 2,5 милиона евра, ќе се поддржат категоризираните ресторани за свадби, игротеките, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес-центрите, фотографите и фотографските студија. Во овие категории спаѓаат околу 1.200 компании и ќе им бидат покриени 30 % од приходите, износ што ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари за вработен, заклучно со 31.12.2020 година – соопшти вицепремиерот Битиќи.
Битиќи соопшти дека категоризираните туристички агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милион евра. Притоа туристичките агенции со А-лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б-лиценца ќе добијат до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари, како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето-приход под 15.000 денари.
Речиси два милиона евра се наменети за компаниите што ја реинвестирале добивката од 2020 година, мерка што ќе се реализира преку Развојната банка, а ќе им помогне на компаниите да ја зголемат ликвидноста, да ги реализираат своите инвестициски планови и да продолжат со својот развој преку субвенционирање каматни стапки. Преку бескаматна кредитна линија преку Развојната банка од еден милион евра ќе се поддржат медиумите што емитуваат радио и телевизиска програма.
– Во очекување на претстојната туристичка сезона и како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка, а со тоа и угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР-тестови за странските туристи што престојувале во државата – рече вицепремиерот.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека туристичко-угостителскиот сектор е најпогодениот од почетокот на кризата предизвикана од пандемијата и токму затоа Министерството за економија во првите пет сета мерки се фокусира на поддршката токму на овој сектор.
– Досега овој сектор е поддржан со над десет милиони евра, и тоа преку ваучери за домашен туризам со вкупно 6,2 милиони евра, со враќање на уплатената туристичка такса со вкупна вредност од 950 илјади евра, со грантови за туристички агенции во вредност од 1,2 милиона евра, со средства за кофинансирање настани и конференции со финансиска поддршка од државата, каде што беа наменети 24 илјади евра, преку грантови за категоризирани ресторани за свадби со 906 илјади евра, грантови за игротеки во вредност од 222 илјади евра, грантови за туристички водичи со лиценца, кои добија 82 илјади евра, како и со мерката за продолжување на лиценците за работа на дискотеките и ноќните клубови, мерка што изнесуваше 97 илјади евра – истакна министерот за економија.
Бектеши се задржа на дел од мерките од шестиот пакет, кои ќе ги спроведува Министерството за економија, при што посочи дека за поддршка само на туристичко-угостителскиот сектор со шестиот пакет-мерки се предвидени мерки во вкупна вредност од 14,8 милиони евра.