Министерство за економија најави дека ќе им издава ваучери на туристичките агенции со кои тие ќе може да ги обесштетат клиентите, чии патувања се откажани поради пандемијата од коронавирусот. Ваучерите ќе бидат во висина на уплатата што им пропаднала на граѓаните, а оштетените ќе може да ги искористат за друго патување, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Ваучерите ќе важат за кое било патување, заклучно до јануари 2021 година. Издавањето на ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира во согласност со двете страни.
– Ако во меѓувреме некоја агенција затвори и прекине со вршење на дејноста, ќе има обврска парите во целост да им ги врати на клиентите – рече Бектеши.
Агенциите што нема да ги следат упатствата за добивање и издавање на ваучерите, ќе добијат прекршочни и кривични пријави. Бектеши кажа дека сите барања на туристичкиот сектор ќе бидат прифатени.
Освен тоа, заради поддршка на економијата ЗАМП донесе одлука да ги ослободи од плаќање авторски права рестораните, кафулињата и другите угостителски објекти.
Владата наедно донела и уредба за примената на Законот за стечај за време на вонредна состојба со која се забранува отворање нови и се стопираат сите започнати стечајни постапки додека трае вонредната состојба.