Откако економијата се најде под силен удар поради мерките за сузбивање на коронавирусот, кои се преземаат како во Македонија така и низ светот, сега се наметнува и прашањето дали изборите, кои следниот месец треба да се одржат во земјава, дополнително ќе ја влошат економската состојба
По корона кризата нови предизвици за стопанството
Влегуваме во нова предизборна кампања, која овој пат поради ширењето на ковид-19 треба да биде поинаква, но сепак, се очекува таа повторно да има негативен одраз врз економските текови. Вообичаено изборните години негативно се одразуваат врз економијата и врз растот на БДП, а оваа година е поразлична од досегашните поради пандемијата. Економијата, секако, веќе е под силен удар поради мерките за сузбивање на коронавирусот, кои се преземаат како во Македонија така низ светот и кои значително се одразија врз производствените планови на компаниите. За тоа дали изборите, кои следниот месец треба да се одржат во земјава, дополнително ќе ја влошат економската состојба разговаравме со бизнис-претставници и со поранешни креатори на државни политики.
Зошто во работен ден?
Уште една карактеристика на овие избори е тоа што истите тие ќе се одржат во работен ден, а тоа ќе значи дополнителни загуби за компаниите.
– Сите избори негативно влијаат врз економијата. Целата енергија се насочува кон партиските активности и изборните кампањи. Овој пат тоа ќе биде комбинација на избори и на справување со последиците од ковид-19. Како што вирусот има негативно влијание на економијата, така ќе има влијание и врз изборната кампања, иако се најавува дека таа ќе биде поедноставна, без големи митинзи и во тој случај негативностите за економијата би требало да бидат помали. Во секој случај избори мораше да се случат поради состојбата во која нѐ затече болеста, а таа подразбира техничка влада, нефункционални институции и слаба администрација. Се надевам дека по добивањето на стабилна политичка влада, состојбите ќе се стабилизираат и новоизбраната влада со полн капацитет ќе почне да се справува како со здравствената така и со економската криза – објаснува првиот човек на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Наедно, тој истакнува дека поради тоа што изборите ќе се одвиваат во работен ден, истиот тој ќе мора да се одработи, и потсетува дека оваа година поради корона-кризата веќе се изгубени премногу работни часови и дека сѐ уште се губат.
– Градинките не работат, работничките седат дома, боледувањата се укинати и сите бремени жени и хронично болни работници се во самоизолација. И други работници, кои од разни причини не можат да одат на работа, се на товар на компаниите. Се разбира, дел од тие трошоци се покриваат со финансиската помош од страна на Владата, но оние што не користат помош, ќе мораат овие зголемени трошоци во работењето да ги покријат сами – дополнува Димитров.
Одложени инвестициски активности
Општо познато е дека изборите влијаат негативно врз економијата, бидејќи институциите се посветени на нивно организирање и спроведување, додека бизнисмените ги одложуваат инвестициските активности во исчекување на резултатите. Дополнително, во Македонија во текот на изборниот процес е забрането да се склучуваат нови договори, концесии, не може да се доделува земјиште и други активности, што исто така, прави застој во севкупното економско работење во земјава.
– Македонската економија, како што на сите ни е познато, е во пад, како и секоја економија во светот. Но падот на економијата во Македонија се должи на повеќе фактори, при што едниот е и институционалниот фактор и неможноста за имање некоја национална стратегија за поблаг пад и/или побрзо заздравување. И сега, кога ќе дојдеме до прашањето дали изборите ќе ја забават економијата или не, одговорот е дека ќе влијаат врз назадување на економијата, но дека се потреба, потреба што мислам дека во наредниот период ќе ѝ помогне на економијата побрзо да заздрави – вели Калин Бабушку, задолжен за развој на брендови во компанијата „Македонија експорт“.
Бабушку се осврна и на фактот дека годинашните избори треба да се одржат во работен ден, кој за изборните потреби ќе биде прогласен за неработен и посочи дека за нашата земја, поради ниското ниво на економска развиеност, уште еден неработен ден е кочница плус за компаниите.
– Се согласувам со вас дека бројот на неработни денови во Македонија е на многу високо ниво, ако ја земеме предвид фазата во која се наоѓа нашата економија (не сакам да се споредувам со други земји, но нашата економија не трпи да имаме толку многу неработни денови). Уште еден, дополнителен неработен ден, во оваа ситуација можеби нема да влијае толку многу негативно на и вака кревката економија, но мислам дека немаше потреба од уште еден, дополнителен, неработен ден. Мислам дека можеа да се договорат за некој празничен ден или ден од викенд – истакна Бабушку.
Пандемијата како изговор за нефункционални институции
За поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, годинашната пандемија ќе биде добар изговор и добра маска за прикривање на кочницата за економијата наметната од изборите. Според него, и овие избори ќе се одразат врз економските текови, но смета дека тоа влијание ќе му биде припишано на влијанието на мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирусот.
– Овој пат, според моето мислење, пред овие избори се појави уште еден објективен причинител за пад на економијата, а како и досега, така и сега, изборите ќе предизвикаат застој во економијата, но тоа сега ќе ѝ се припише на здравствената криза. Од она што го гледаме, мерките и чекорите што ќе ги преземат лицата што се на власт, кои ги користат вообичаените методи како и претходните години кога сме имале избори, не се во насока на поддршка на економијата.
Очекувам дека нивното оправдување ќе биде оти направиле обиди за спас на економијата, но дека кризата е наметната од пандемијата и дека не можеле значително да влијаат врз надворешните случувања – објаснува Хајредини.
Поранешниот министер истакнува дека е многу важно да дојде до промени во земјата и да се променат лицата што досега биле на власт, а притоа и да се осамостои судството, кое ќе води објективни и независни судски постапки со кои сите што го прекршиле законот ќе одговараат во согласност со законите.