Фото: Игор Бансколиев

Набавката на четири нови локомотиви ќе придонесе за побрз и посигурен превоз на стоката, но треба да се ревитализира и постојниот возен парк

Заживувањето на домашната и на европската економија ги раздвижи и македонските товарни вагони. По долги години стагнација и намалување на превезената стока со железничкиот транспорт, Државниот завод за статистика (ДЗС) регистрира раст на превезените стоки со македонските возови. Раст се забележува и во другите сектори за превоз на стока, што укажува на заживување на економијата.

– Во четвртото тримесечје од 2017 година, во споредба со четвртото тримесечје од 2016 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е зголемено за 13,6 отсто, во железничкиот превоз за 14,3 проценти, додека во воздухопловниот превоз зголемувањето изнесува 11,8 отсто. Во однос на третото тримесечје од 2017 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е намалено за 24,2 проценти, во железничкиот превоз е зголемено за 19, додека во воздухопловниот превоз зголемувањето изнесува 7 отсто – стои во последниот извештај на ДЗС – Превезени патници и стоки во четвртото тримесечје од 2017 година.

Претставниците на „Македонски железници – транспорт“ истакнуваат дека во првиот месец од 2018 година спореден со истиот период во претходната година има зголемување на превозот на стоки од 40,51 отсто.

– Ова, пред сѐ, се должи на првите знаци на раздвижување на стопанските субјекти во Република Македонија. Секако удел има и работењето на компанијата, која има активен пристап кон коминтентите, успешната деловна соработка и секојдневната комуникација со нив, но и на испитување на пазарот и наоѓање нови видови превоз што досега не беа превезувани со железница и покрај фактот дека има константен недостиг од влечни средства – локомотиви, но и недостиг од стручен персонал, состојба што е наследена од минатиот период – велат од „МЖ-транспорт“. Од компанијата додаваат дека зголемувањето се должи и на оперативните служби што добро го организираат железничкиот сообраќај и покрај изнесените проблеми.
Од „МЖ-транспорт“ велат дека и самите очекуваат и се залагаат во наредниот период уште повеќе да го зголемат транспортот на стока преку железничките пруги, со подобар квалитетот на услугата и со наоѓање нови коминтенти или типови стока, бидејќи превозот со железница е најсигурен и еколошки оправдан.

– Набавката на 4 нови локомотиви ќе придонесе за побрз и посигурен превоз на стоката, но сметаме дека треба да се ревитализира и постојниот возен парк, секако, со помош на Владата на Република Македонија, следејќи ги препораките и насоките за развој на железничкиот сообраќај, пред сѐ поради еколошките придобивки – истакнуваат од „МЖ-транспорт“.

И покрај заживувањето на превозот на стока со железници, факт е дека најголем дел од превозот на стоки се одвива преку патниот товарен превоз. Со години железничкиот транспорт беше уназадуван, поради што голем дел од компаниите беа принудени да се префрлат на патниот транспорт. Упатените велат дека со железница останаа да се превезуваат само габаритни типови производи и дека оние што имаат можност да користат патен превоз решиле да ја превезуваат стоката со камиони наместо со вагони.

Статистика наведува дека во текот на 2017 година најголем обем на превезена стока е со товарниот патен превоз и тоа 64.221 илјади тона. Додека со железница биле пренесени само 1.558 илјади тона.

Во анализата на ДЗС насловена „Транспорт и други услуги“ издадена 2016 година, а со која е направена анализа на изминатите пет години, се забележува дека количеството превезена стока преку железницата од 2012 година наваму константно се намалувала. Имено, превезената стока во товарниот железнички превоз во 2012 година била 2.538.879 тона, во 2013, пак, 2.282.837 тона, 2014 – 2.376.544, за во 2015 драстично да се намали на 1.565.775 тона.


Превоз на патници

Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2017 година, во однос на истото тримесечје од 2016 година, во патниот патнички превоз бројот на превезените патници е зголемен за 3,3 отсто. Во градско-приградскиот превоз има намалување за 6,7 проценти, во железничкиот превоз за 12,3, додека бројот на превезените патници во воздухопловниот превоз е зголемен за 16,4 отсто.

Во однос на третото тримесечје од 2017 година, бројот на превезените патници во патничкиот превоз е намален за 9,2 проценти, во градско-приградскиот превоз е зголемен за 26,7, во железничкиот превоз за 12,7 отсто, додека во воздухопловниот превоз е намален 29,9 проценти.