Средствата што ги најавува ММФ ќе ја зголемат ликвидноста на земјите и ќе помогнат во борбата против пандемијата, за вакцинација и други итни мерки

Домашните економисти истакнуваат дека плановите за нова финансиска поддршка на ММФ се обид да дадат поттик за закрепнување на економијата. Наедно укажуваат дека доколку оваа сума се насочи кон посиромашните земји ќе има големи бенефиции

ММФ со најава за нови 650 милијарди долари за закрепнување на економиите

Најавата на Кристалина Георгиева, управна директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), за одвојување 650 милијарди долари средства за закрепнување од пандемијата е прифатена низ медиумите со голем ентузијазам. Георгиева изјави дека ги поддржува дискусиите за можна нова распределба на 650 милијарди долари за поддршка на глобалното закрепнување.
– Многу ме охрабруваат првичните дискусии за можна алокација на средства во висина од 650 милијарди американски долари. Новата распределба ќе им користи на сите наши земји-членки и ќе го поддржи глобалното закрепнување од кризата на ковид-19. Исто така, тоа би бил силен сигнал за одлучноста на членството во ММФ да стори сѐ што е можно за да се надмине најлошата рецесија од големата депресија. Имам намера до јуни да претставам официјален предлог до Извршниот одбор на ММФ да разгледа нова распределба од 650 милијарди американски долари – кажа Георгиева.
Наедно директорката на ММФ појаснила дека ова ќе додаде значително директно зголемување на ликвидноста на земјите, без да ги зголеми нивните должнички товари. Исто така, нагласила дека ова ќе овозможи да се ослободат ресурсите за земјите-членки да помогнат во борбата против пандемијата на коронавирусите, да поддржат програми за вакцинација и други итни мерки.

Домашните економисти истакнуваат дека плановите за нова финансиска поддршка на земјите-членки на ММФ се обид на директорката и на преостанатите членови во фондот да дадат поттик за закрепнување на економијата. Наедно укажуваат дека доколку оваа сума се насочи кон посиромашните земји ќе има големи бенефиции, но доколку е сума за целиот свет посочуваат дека ќе бидат потребни дополнителни финансии.
– Добро е што ММФ има нови планови за поддршка на земјите, но сепак, за целиот свет 650 милијарди е мала сума. Ако се средства за најпогодените држави, ова ќе значи многу. Сепак, многу е рано да се коментира, бидејќи сѐ уште не се дефинирани условите за користењето на овие средства, дополнително што секоја земја има свои капацитети на задолженост, на можност за отплата на долговите. Идејата за инјектирање дополнителна куповна сила на овој начин е добра, иако не станува збор за голем износ – појаснува поранешниот гувернер Петар Гошев.
Гошев појаснува дека САД само за поддршка на домашната економија одвојуваат многу поголема сума, која планираат да ја насочат кон населението низ различни модели. Поранешниот гувернер истакнува оти ако сумата што ја споменува ММФ е насочена кон посиромашните земји ќе има голем ефект.
– Очекувам дека и Македонија ќе биде опфатена со овој пакет на ММФ, и добро би било штом се дознаат условите и целите на оваа нова најава да се види дали може да се аплицира за дел од истите тие. ММФ и досега ѝ даваше на Македонија кредити, кои секако беа во согласност со условите на светските пазари на финансирање. Македонија веќе го постигна плафонот на задолжување, но со кредитите од ММФ може да се враќаат претходно направените задолжувања на државата. Значи нивните финансии имаат голема полза за враќање на претходни заеми, за рефинансирање, бидејќи се даваат по поповолни услови отколку други кредити земени на финансискиот пазар – дополнува Гошев.

Сепак, поранешниот гувернер појаснува дека сѐ уште е многу рано да се дискутира за оваа најава, сѐ додека не се видат целите и условите на ММФ. Гошев се осврна и на задолженоста на државата и истакна дека иако е постигнат еден лимит на задолженост, сепак, задолжувањето нема да престане. Тој објаснува дека е битно при следните задолжувања институциите да водат сметка под кои услови ги земаат средствата.
– И кризата да помине, задолжувањето ќе продолжи бидејќи износите што треба да се вратат од претходните задолжувања се многу големи. Тие рати не може да се враќаат само од доходот на државата, може дел да се врати од раст на економијата, но мора да земат нов кредит. Но низ тој процес на финансирање, рефинансирање државата може да го намалува степенот на задолженост, или да го одржува на слично ниво зависно од економијата во земјата. Нема да престане потребата од задолжување на земјата. Ние ќе имаме потреба да позајмување и за да го одржуваме на истото ниво. Најбитно е да биде одржлив нашиот јавен долг, во рамките на капацитетот на отплата, но засега без позајмување не можеме да вратиме долг, ниту пак очекувам дека тоа ќе се случи во следните неколку години. Но и позајмувањето пари не мора да значи раст на јавниот долг како процент од БДП, сѐ зависи од стратегијата за управување со јавниот долг – заклучува Гошев.