Фото: Игор Бансколиев

Се очекува да се надмине состојбата на длабок јаз помеѓу стручното образование и пазарот на трудот, каде што пазарот на трудoт обвинува дека образованието не продуцира кадри за задоволување на нивните потреби, а образованието, пак, возвраќа дека тие не прават ништо за да добијат квалитетен кадар

Нови програми и содржини од современиот живот, нови лаборатории и поголема поврзаност на училиштата со стопанството се само некои од придобивките што се очекува да ги донесат најавените промени во средното стручно образование, кои ќе почнат од оваа учебна година. Во стручните училишта, со генерацијата што е запишана во 2019/2020 година, почнуваат да се реализираат нови и реформирани 52 квалификации во 14 образовни сектори.
Центарот за средно стручно образование во соработка со работодавците направил анализа на секторите, ги детектирал занимањата и изработил стандарди на занимања како стручни документи во кои се опишани потребните компетенции за вршење работни задачи.

– Воведени се повеќе промени на системско ниво, како што е растоварување на оптовареноста за учениците, воведување нови програми и содржини што се дел од современиот живот, модуларизација. Секоја наставна програма што ќе ја реализира наставникот е заснована на резултати од учење и критериуми за постигањата на поставените резултати. Ова значи дека ученикот треба да е центар на вниманието. Фокусот треба да биде постигнување резултат кај учениците, а не формална реализација на програмите. Ученикот треба да претставува активен субјект во процесот на учење и поучување. Секоја стручна наставна програма претставува интеграција на стручна теорија со практична настава или вежби. Напуштен е досегашниот модел, каде што имавме посебно стручни теоретски предмети и посебно практична настава. Со новите програми, стекнувањето на вештините треба континуирано да ги следи стекнатите стручни теоретски знаења. Потоа, во секоја квалификација се воведени феријалната практика и учењето преку работа кај работодавец. Феријалната практика што треба да се одвива кај работодавец се реализира по завршување на наставната година, и тоа во прва, втора и трета година – објаснува за „Нова Македонија“ Зоран Јовчевски, советник за електротехничката струка во Центарот за средно стручно образование.

Учењето преку работа кај работодавец преку подготвени програми ќе почне со реализација кога генерацијата запишана 2019/2020 ќе биде трета година, и тоа четири часа во трета година и шест часа неделно во четврта година.
Одговорните во ЦССО велат дека нивните очекувања со овие реформи во однос на подобрување на состојбите со квалитетот на воспитно-образовниот процес се многубројни.

– Очекувањата се многубројни, а јас би го издвоил тоа што со ова ќе се надмине состојбата на длабок јаз помеѓу стручното образование и пазарот на трудот, каде што пазарот на труд обвинува дека образованието не продуцира кадри за задоволување на нивните потреби, а образованието пак возвраќа дека тие не прават ништо за да добијат квалитетен кадар. Значи од состојба на обвинување, да преминеме во соработка и наоѓање решенија. Мора да се сфати дека продукцијата на квалитетен кадар е обврска на сите. Исто така, се очекуваат обезбедување стручно образование и обука што ќе ги зајакнува социјалната кохезија и инклузија, поголема атрактивност на стручното образование и обука, обезбедување квалитет и релевантност на средното стручно образование како гаранција за конкурентност, воспоставување добра основа, ресурси, капацитет и одговорност во идниот систем – вели Јовчевски.

Со промените, предвидено е и опремување на училиштата со лаборатории. Обучени се и професори, но и работодавци и претставници на институции.

– Се вршеа обуки за подготвување на анализите, стандардите на занимања, стандардите на квалификации, наставните планови и наставните програми. Обуките од различен карактер се реализираа од 2017-та досега. Така што во летото 2018 година беа реализирани дводневни обуки за реформите во образованието, со опфат на 2.000 наставници, директори, педагози и психолози од сите стручни училишта. Имаше и еднодневна обука за новите наставни планови и програми, со опфат на 800 наставници и директори, а еве и сега, во периодот од 20-ти до 30-ти овој месец, се реализираат еднодневни обуки, со опфатеност на 1.500 наставници за реализација на новите наставни програми во прва година за сите стручни училишта на територијата на државата – додава советникот.


Системот да поттикнува креативност и самостојност

Целта на реформите е да се воспостави образовен систем што овозможува поголема мобилност и информираност за економските сектори на пазарот на труд, зајакнување на професионалниот и кариерниот развој на учениците, како и воспоставување механизми за откривање на учениците кај кои постои ризик за напуштање на училиштето.
– Исто така, идејата е да се воспостават механизми за подобрување на вештините на учениците, модернизирање на материјално-техничките услови за работа, но и да се оспособи индивидуата за креативност, иновативност и самостојност. Освен тоа, целта е да се обезбеди квалитетна работна сила со воведување интегрално поврзување на теоријата и практиката во новите наставни планови и програми, зголемување на улогата на стручното образование во давање придонес кон економскиот развој и просперитет, во согласност со европската рамка за обезбедување квалитет, модернизирање на информатичките и комуникациските технологии во наставата и слично – вели Јовчевски.