Фото: Нова Македонија / Архива

Повеќе од 170.000 јагниња се извезени досега во Италија и во Хрватска, а се очекува до крајот на годината да бидат извезени повеќе од 200.000 јагниња, информира Сојузот на одгледувачи на овци. Претседателот на овој сојуз, Никола Ѓеоргиев, вели дека е постигната просечна откупна цена за јагнето од 140 денари, а највисоката достигната е 150 денари за килограм жива мера.
– Оваа цена е повисока за 20 отсто од ланската, но е далеку под производствената цена, која годинава ќе надмине 180 денари за килограм жива мера, бидејќи имаме зголемени трошоци поради повисоките цени на храната. Ова покажува дека одгледувачите на овци сѐ уште не се во состојба да планираат заработка од производството – вели Ѓеоргиев.
Одгледувачите на овци, поради промената на однесувањето на потрошувачите во Италија, кои сега многу повеќе консумираат конфекционирано јагнешко отколку цело јагне, имаат поголема можност да пласираат и потешки јагниња од 16 килограми.
– Италијанците полека ја напуштаат традицијата за консумирање цели јагниња. Сега е порасната побарувачката на конфекционираното месо, во вид на котлети, бут или други делови, но главно во свежа состојба. Расте побарувачката на јагниња со тежина од 20, 25 и 30 килограми. Интересно е тоа што цената, без разлика на големината на јагнето, е иста годинава – додава Ѓеоргиев.
Одгледувачите на овци се надеваат и на пласман на јагнето и во периодот од април до мај, кога е православниот Велигден, и тоа на домашниот пазар и, евентуално, во Бугарија.

– Очекуваме да го искористиме и летниот период, кога во Грција се користи јагнешко, но од 10.000 до 15.000 ќе ги пласираме во декември, пред божиќните празници. Тоа значи дека годинава ќе ја завршиме со извоз на повеќе од 200.000 јагниња – објаснува Ѓеоргиев.
Одгледувачите забележуваат дека државата сѐ уште не ги исплатила субвенциите, и покрај тоа што лани вети дека ќе ги исплати субвенциите што ги зголеми за 50 отсто во текот на 2020 година.
– Деновиве сме во постојана комуникација со Министерството за земјоделство, кое сѐ уште не ни кажува кога ќе бидат исплатени субвенциите. Годишниот календар е дека тоа ќе биде април, но во изминатите години субвенциите на одгледувачите на овци се исплаќаа во февруари. Не верувам дека и во април ќе ги добиеме субвенциите, бидејќи нив ги чекаат и овоштарите и тутунарите – смета Ѓеоргиев.
Годишно, во просек, се продаваат речиси 2.500 тони јагнешко и овчо месо.