Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, и претставничката на Европската банка за обнова и развој, Анка Јоана Јонеску, на прес-конференција во Владата извршија промоција на првиот јавен повик за изградба на фотонапонски електроцентрали на државно земјиште по принцип на премиум.
Јавниот повик ќе биде објавен на 10 јуни, се однесува на изградба на фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност од 35 мегавати, а сите заинтересирани инвеститори ќе може да ја подигнат тендерската документација и да аплицираат во рок од 60 дена по што ќе биде извршено јавно отворање на доставените понуди.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потенцира дека Владата е силно посветена на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и дека со донесувањето на Законот за енергетиката се отвора голем простор за инвестиции во обновливи извори, особено во фотонапонски електрани.
Европската банка за обнова и развој обезбеди финансиски средства за техничка помош за изготвување на тендерската документација на овој повик со цел да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори.
На јавниот повик за изградба на фотонапонски електрани заинтересираните инвеститори ќе може да аплицираат за изградба на две фотонапонски електрани од по 10 мегавати (една во месноста Азамбегово – Свети Николе и една во месноста Манастирец – Македонски Брод), една електрана со инсталирана моќност од 5 мегавати, две електрани од по 2 мегавати и 6 електрани од по еден мегават (лоцирани во Азамбегово).