Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај константното намалување на невработеноста, сега имаме определен проблем со долгорочно невработените лица, оние што треба да се преквалификуваат и со неактивното работоспособно население што треба да се активира, за што треба да се преземат дополнителни мерки, да се работи на терен, објаснуваат експертите

Невработеноста во Македонија во последните години бележи намалување, што секако позитивно се одразува и на граѓаните. Сепак, нивото на невработеност, како и високите стапки на неактивност и понатаму наметнуваат потреба од мерки што ќе го поттикнуваат вработувањето, но и мерки со кои ќе се зголеми опфатот на неактивните работоспособни граѓани на пазарот на трудот. Економистите укажуваат дека зголемувањето на стапката на вработеност се чувствува кај граѓаните и во животниот стандард, особено ако се споредува со период пред десетина или повеќе години, но потенцираат дека и понатаму имаме стапка на невработеност што е под природната стапка на невработеност.
Од институтот за финансиски истражувања и политики „Фајненс тинк“ посочуваат дека невработеноста во првиот квартал од 2021 г. благо се намали на 15,9 отсто од претходните 16 проценти во првиот квартал 2021 година.
– Падот на невработеноста е значајно забавен, како резултат на враќањето на пасивизираното население на пазарот на трудот. Вработеноста забележа благо зголемување, од 47,1 отсто на 47,3 проценти, што упатува на понатамошна стабилизација на пазарот на трудот. Сепак, во вториот квартал, евидентно е губењето работни места во преработувачката индустрија (околу 4.000 во однос на К1-2021), транспортот (3.500) и хотели и ресторани (1.000), што укажува дека растот на додадената вредност во најпогодените дејности не е проследен со креирање работни места – објаснуваат од институтот.

Од „Фајненс тинк“ дополнуваат дека неизвесноста во економијата повторно се зголеми во третиот квартал од 2021 г. со четвртиот бран од пандемијата. Дополнуваат дека се очекува мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од август 2021 г. да имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, но нагласуваат дека неизвесностите кај најпогодените дејности сѐ уште се нагласени.
Универзитетскиот професор Здравко Савески се согласува дека од осамостојувањето наваму во земјава имаме најниска стапка на невработеност, но сепак посочува дека тоа не кажува доволно за состојбите на терен.
– Ние во моментов имаме најниска невработеност во последните 30 години, од раните 1990-ти. Но овој податок, сам по себе, не кажува доволно. Од една страна, намалувањето на невработеноста во однос на ситуацијата пред една година во голема мера се должи на тоа што многу невработени станаа неактивни, излегоа од пазарот на трудот, а не дека се вработија. Поради која причина кај нас расте бројот на работоспособно население што не бара работа, треба дополнително да се истражи. Дел од причината е зголемувањето на бројот на работниците што заминале во пензија, но тој пораст од 2019 до 2020 г. е за 2.500 лица, така што ова само делумно го објаснува феноменот на работоспособно население што не бара работа. Од друга страна, треба да се има предвид дека во последната деценија дојде до значителен пораст на вработеноста (од 39 проценти од активното население во 2010 година на 47 отсто во 2020) и пад на невработеноста во истиот период од 300 илјади на 155 илјади – укажува Савески.

Тој дополнува дека податоците покажуваат оти во последнава година делумно причината за падот на невработеноста главно се должи на зголемувањето на неактивното население, сепак е факт, вели Савески, дека во последната деценија дојде до преполовување на бројот на невработени лица, што има свој одраз врз животниот стандард, начинот на живот и вредносните ставови на населението како целина.
Универзитетскиот професор Борче Треноски посочи дека невработеноста во следниот период не би требало да се зголемува, пред сѐ бидејќи имаме сѐ повеќе квалификувана работна сила, и поради тоа што квалификуваните и едуцирани кадри се бараат и се вработуваат.
– Сега имаме определен проблем со долгорочно невработените лица, оние што треба да се преквалификуваат, неактивното население што треба да се активира, за што треба да се преземат дополнителни мерки, да се работи на терен.

Извозот и странските директни инвестиции што ќе донесат ново знаење, нова технологија и ќе привлечат нови вработувања, ќе бидат пресудни за намалување на невработеноста – вели Треновски.
Владата во насока на развој на економија во фискална стратегија предвиде дека на среден рок стапката на невработеност ќе се намали на 8,6 проценти, додека стапката на вработеност ќе се искачи на 54,3 проценти.
Анализа изработена од „Фајненс тинк“ за стапката на невработеност на земјите од поранешна Југославија покажува дека во соседна Србија, стапката на невработеност е 10,1 отсто, во Косово 25,5 проценти, во Црна Гора 15,6 отсто, Босна и Херцеговина 15,7 проценти, Хрватска 9,9 отсто и Словенија 7,3 проценти.


Најголема економска неактивност кај женската популација

Во согласност со податоците што ги објави Државниот завод за статистика во второто тримесечје од 2021 година активно население во земјава достигнува 945.412 лица, од кои вработени се 795.271, а 150.141 лице се невработени. Притоа стапката на активност во овој период е 56,2, стапката на вработеност 47,3, додека стапката на невработеност изнесува 15,9 проценти.
Од податоците на ДЗС може да се забележи дека во вториот квартал од 2021 година сме имале 1.682.862 работоспособни граѓани, додека во истиот квартал претходната година работоспособното население изнесувало 1.685.909 граѓани, што укажува на намалување на вкупното работоспособно население. Притоа од 1.685.909 работоспособни граѓани, 953.039 биле активни, што покажува дека минатата година сепак имало повеќе активни граѓани на пазарот на трудот.
Од вкупниот број на работоспособно население во вториот квартал оваа година дури 736.450 се неактивни, од нив 275.646 се мажи, а 460.804 жени. Ова укажува дека голем дел од женската популација и понатаму е надвор од пазарот на трудот иако се предвидени повеќе мерки за нивно вклучување во работните процеси.