„Амазон“ на Џеф Безос навлегува на просторот на компанијата „Тесла“ на Илон Маск, преку нов фонд за инвестирање во т.н. клинтех (технологии, процеси или производи што ги намалуваат негативните ефекти врз животната средина преку користење на обновливи извори на енергија – н.з.). Овој потег е од толку мали размери, што Маск веројатно го смета за комичен, но дали е загрижен што гигантот „Амазон“ има поголеми амбиции, пренесува „Форбс“.
Маск е технолошки милијардер со компанија за електрични возила и бизнис за вселенски транспорт. Безос е технолошки милијардер со гигант за онлјан трговија и сопствен, помалку докажан, бизнис за вселенски транспорт. Двајцата се веројатно најславните претприемачи во светот, со можни исклучоци на Бил Гејтс и на Марк Закерберг.
Месецов Маск упати порака на Твитер директно насочена кон „Амазон“, кога компанија првично одби да ја продава книгата за коронавирусот на Алекс Беренсон. Маск тогаш им порача на неговите 36 милиони обожаватели на Твитер „Време е ’Амазон’ да биде растурен. Монополите се погрешни!“. Книгата сега е достапна на „Амазон“ откако компанијата ја смени одлуката по пораката на Маск, иако не може да се знае дали твитот бил причината за промената.
„Амазон“, пак, објави покренување на сопствен фонд од две милијарди долари за инвестирање во клинтех. „Амазон“ ќе вложи пари во транспорт и во батериски технологии. Двете полиња се директно поврзани со индустријата на „Тесла“. Две милијарди за финансирање на зелената технологија се ситница. Таа сума нема да стигне далеку, а „Амазон“ уште не се поставува како натпреварувач против „Тесла“.
Но, „Амазон“ вреди повеќе од трилион долари. Фондот од две милијарди би можел да биде почеток. Прашањето што Маск треба да си го постави е, дали Безос се обидува да го купи влезот во бизнисот со електричните автомобили за директно да се натпреварува со „Тесла“.