Во знак на поддршка на напорите за надминување на последиците од коронавирусот,
Шпаркасе Банка Македонија, Охридска Банка и матичната банка Штаермеркише Шпаркасе од Грац, Австрија, се вклучуваат во заеднички донаторски активности во вкупен износ од 110.000 евра.
Групацијата Штаермеркише Шпаркасе, претставена во нашата држава преку двете локални банки, Охридска банка и Шпаркасе Банка Македонија, својата солидарност ја искажува преку наменска донација на повеќе здравствени институции и помош на 1.500 социјално загрозени семејства во услови кога им е потребна финансиска помош и поддршка за полесно надминување на последиците од ковид-19 кризата.
Вкупната донација во износ од 110.000 евра наменски ќе биде искористена за поддршка на различни сегменти од здравствениот систем. За потребите на Универзитетската клиника за инфективни и фебрилни болести во Скопје се донирани (54.000 евра) средства за набавка на заштитни маски и скафандери како дневни потреби на здравствените работници, како и одржување и ремонт на постојна медицинска опрема (два мобилни рендген апарати) и набавка на вертикална ламинарна комора. Во рамките на оваа донација се издвоија финансиски
средства за поддршка на двете општи болници во моментално најпогодените подрачја надвор од Скопје: Куманово и Охрид, обезбедено е гориво за 32 возила што се на располагање на Итната медицинска помош. Истовремено, оваа недела започнува испораката на хуманитарни пакети со храна и средства за хигиена за 1.500 загрозени семејства, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје.
– Во тимот е силата. Затоа е важно во ова време да покажеме висока колективна
одговорност и грижа за системот во целина. Охридска банка како општествено-одговорна компанија во овој период е фокусирана на дистрибуција на помош на сите полиња. Се грижиме за вработените, за клиентите, одговорно и разумно управуваме со средствата на Банката, со цел одржување високо ниво на ликвидност, која е од огромно значење за економијата, а со оваа заедничка донација подаваме рака на најкревкиот сектор во моментот во земјата – изјави Нина Неданоска, претседател на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје.
– Остануваме во партнерски однос и интегрирани со бизнисот, локалната и пошироката
заедница. Солидарно, работејќи заедно ќе го победиме ковид-19. Во овие тешки моменти, наш приоритет е да останеме здрави, да ги помогнеме и да ги поддржиме нашите сограѓани и институции и да ја одржиме стабилноста и здравоста на Банката. На долг рок, најголема поддршка ќе дадеме работејќи ја нашата работа на професионален и посветен начин преку финансирање на бизнисите и населението за обнова на економскиот раст и просперитет на земјата. Донацијата ја правиме во пресрет на велигденските празници, со порака дека веруваме, се надеваме и споделуваме – изјави д-р Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.
Охридска банка и Шпаркасе Банка Македонија остануваат силна потпора на здравствениот систем во земјата. Во меѓувреме, и во двете банки апсолутно се почитуваат препораките и мерките од Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширењето на коронавирусот.
Заштитата на вработените и на клиентите е приоритет, па така редовно се врши дезинфекција во работните простории во двете банки и на сите 120 банкомати во земјата, воведени се протоколи за движење на клиентите, редуциран е бројот на вработени, сѐ со цел минимизирање на евентуалната можност од ширење на вирусот. Дополнително, двете банки од неодамна се откажаа од провизиите за електронско и мобилно банкарство за физички лица, со што се олеснува користењето на банкарските услуги на сите клиенти, а исто така однапред ги уплатија и аконтациите за данокот на добивка за 2020 година.
Охридска банка и Шпаркасе Банка Македонија и понатаму ќе се придржуваат до сите мерки и препораки доставени од Владата и ќе одржуваат непречено одвивање на сите банкарски процеси, со надеж за што побрзо надминување на корона-кризата.