Следната година, во согласност со Законот за енергетика, РКЕ треба да донесе нова методологија за формирање на цените на нафтените деривати. При носењето на таа методологија, РКЕ ќе формира поширока работна група, во која ќе ги покани поголемите трговци со нафта и нафтени деривати во Република Македонија и организациите на потрошувачи
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не може да влијае врз крајната цена што ја плаќаат потрошувачите за нафтата и нафтените деривати, бидејќи работи по точно определена методологија. Станува збор за методологија утврдена со договорот за купопродажба на „Окта“ што е ратификуван од Собранието на Република Македонија во јуни 1999 година, објасни претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
– Со договорот Македонија се обврзала да применува методологија што е составен дел од него, во анексот Д, за определување на цената на нафтата и нафтените деривати, односно бензинот и дизелот. РКЕ само ја имплементира и работи по методологијата што е дел од договорот. Пред формирањето на РКЕ тоа го правела Владата, а од 2004 година таа обврска ја презела Регулаторната комисија – кажа Бислимовски.
Тој посочи дека РКЕ не е дел од договорот, туку само државна институција што мора да ја применува методологијата.
– При определување на цената на нафтата и нафтените деривати најбитни параметри се цената на нафтата бренд на светските берзи и курсот на доларот, кој во овој период е во пораст.
Во 2008 година цената на нафтата на берзите била околу 140 долари, а малопродажната цена на дизелот 74,5 денари. Сега цената на суровата нафта е 85-86 долари, а цената на дизелот 69,5 денари, но во 2008 година курсот на доларот бил 39, а сега е 53 денари – појасни Бислимовски и додаде дека РКЕ не може да не ја применува методологијата утврдена со договорот за купопродажба на „Окта“.
Тој нагласи дека РКЕ не била заслужна ни кога имаше драстичен пад на цената на нафтените деривати, ниту, пак, е виновна кога ја зголемува цената, бидејќи едноставно само го применува тоа што е ратификувано во Собранието.
Важењето на договорот е до јули идната година, кога во согласност со Законот за енергетика, РКЕ е обврзана да донесе нова методологија.
– При носењето на новата методологија ќе формираме поширока работна група, во која ќе ги поканиме поголемите трговци со нафта и нафтени деривати во Македонија и првпат организациите на потрошувачи, за да бидат вклучени сите заинтересирани страни во процесот. Постои и друга опција, да има и целосна либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати, како што е речиси во сите земји во Европа и во поголемиот дел од соседните земји. Јас не сум приврзаник на тоа и сметам дека треба да одиме чекор по чекор,односно прво РКЕ да донесе нова методологија и да видиме како ќе функционира пазарот на нафта и нафтени деривати во тој момент, па
понатаму, доколку се создадат услови, да има целосна либерализација – дополни Бислимовски.
Тој истакна дека цената на нафтата и нафтените деривати во земјава е најниска во регионот и дека поголемо влијание врз цената на нафтата и нафтените деривати имаат и давачки што ја оптоваруваат цената што ја плаќаат крајните потрошувачи.
– РКЕ не може да влијае врз тие давачки. Доколку дојде до значително зголемување на цената, Владата може да разгледа и други солуции за да се заштитат граѓаните од ценовните шокови – кажа Бислимовски.
Од РКЕ очекуваат и во наредниот период да има мало зголемување на цената на нафтата и на нафтените деривати.
Околу поскапувања на автоплинот, Бислимовски посочи дека РКЕ не е надлежна за цената на ЛПГ-горивото, која слободно ја формираат трговците, и додаде дека таа зависи од цената на суровата нафта на светскиот пазар.
– Во методологијата што е составен дел од договорот за купопродажба на „Окта“ не е предвидено РКЕ да ја определува цената на ЛПГ. Инаку, ЛПГ како прв продукт при производството на нафтата логично е да ја следи цената на нафтата на берзите.
Претпоставувам дека и трговците што работат со ЛПГ ја следат цената на нафтата и го користат овој период да дојде до зголемување на малопродажната цената, иако и нивниот влезен инпут е зголемен, бидејќи цената на нафтата е во пораст на светските берзи – посочи Бислимовски.