Увид во градежните работи на потпроектот за подобрување на пристапноста и атрактивноста на Сончевата езерска населба Мантово и околината денеска направија вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, кои во придружба на градоначалникот Благој Илиев, ја посетија општина Конче.
Сончевата езерска населба Мантово е потпроект, кој е во завршна фаза и е во вредност од 295 илјади евра, а дел од Проектот за локална и регионална конкурентност. Истиот се спроведува со финансиски средства на Владата и Европска Унија и во соработка со канцеларијата на Светска банка.
По извршениот увид на градежните работи, Вицепремиерката за економски прашања посочи дека се реализираат инвестиции со кои се поттикнува локалниот економски развој и со кои се овозможува развој на сите региони и општини во земјата. Таа додаде дека природните убавини се вистински предизвик за туристите, при што нагласи дека земјава има голем број на мали места со голем туристички потенцијал коишто треба да се промовираат и да се понудат и на домашните и на странските гости.
– Во оваа ситуација, во којашто се наоѓаме како држава, а во која се наоѓа и целиот свет, кога сме насочени да работиме во посебни услови поради здравствената криза, ќе можеме годинава да се свртиме кон домашните атрактивни туристички места и на тој начин да им дадеме на значење. Сметам дека патот кој е направен и уредувањето на просторот, преку финаниската поддршка обезбедена со проектот, даваат поинаква и поубава слика за оваа туристичка локација и ќе придонесе кон привлекување на поголем број домашни и странски туристи – потенцира Царовска.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски нагласи дека овој проект е продолжение на активностите коишто беа започнати од Министерството за локална самоуправа, а кои се дел од прекугранична соработка, преку ИПА програмата со Бугарија и Грција.
Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, напомена дека во изминатите три години, преку државниот буџет и со финансиски средства од странските донатори, за локален и регионален развој се инвестирани преку 100 милиони евра.