Царинска управа им додели сертификати на царинските службеници, компаниите и на здруженијата кои се заслужни за дигитализацијата на царинското работење, по повод одбележување на денот на царината – 26 јануари. Сертификати добија, Елена Лазаревска и Иван Бошковски од компанијата „Фершпед“, Анастас Маженковски, Бурим Хајдари, Драган Ивановски, Зоран Петкоски, Иван Спасовски, Офелија Бајо, Валдет Адеми, Филип Чижбановски и Виктор Стојковски од Асоцијацијата за е-трговија, „Асеко Македонија“, „ОХО Македонија“, Сојузот на стопански комори, Стопанска комора, како и Економскиот факултет.
Меѓународниот ден на царината годинава се одбележува под слоганот „Царината се грижи за одржливост на граѓаните, просперитетот и планетата“, и Царинската управа во овој контекст ќе се фокусира на проблемот со загадувањето на животната средина.
– Се смета дека граѓаните немаат доволна доверба во институциите и во Царинската управа која постојано се справува со сите ризици што доаѓаат преку увозот на стока. Јавноста инсистира на потполна проверка на стоките при увозот на граница. Меѓутоа, јавноста не сфаќа дека со таквиот начин на контрола, стопанството ќе застане, а сите ќе ги почувствуваме проблемите – истакна директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
Од Царинската управа порачаа дека сите треба да работиме на враќањето на довербата, преку заеднички напори.
– Слоганот кој генералниот секретар го промовираше вели дека мораме да се посветиме на заштита на животната средина, просперитетот на компаниите, а со тоа и на сите граѓани. Довербата на граѓаните треба да се врати, бидејќи таа е најскапа, и сето ова што го гледаме денес е последица на загубената доверба, која тешко се враќа. Тоа е процес што ќе го постигнеме преку самата дигитализација – изјави Танасоски.
Тој информира дека Царинската управа годинава ќе инсистира сите институции да го продолжат процесот на дигитализација, што ќе овозможи послободен проток на стоки и на информации.
– Верувам дека со поддршка и со работа, а и со позитивни критики и забелешки, се обидуваме да се подобриме во сите процеси кои ги спроведуваме – заклучува Танасоски. В.Т.