Министерството за земјоделство во соработка со Министерството за земјоделство на Турција започна проект за одржлив систем за заштита на земјоделците од катастрофалните временски непогоди.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи истакна дека со воспоставување на земјоделски осигурителен пул, еден вид на земјоделски фонд на осигурување за земјоделството, прв од овој вид во Македонија, ќе се овозможи сигурност на земјоделското производство.
Тој нагласи дека целта на Владата е не само да се инвестира во градовите, туку и да се реализираат проекти со кои рамномерно ќе се развиваат и руралните делови во целата државата кои имаат огромен потенцијал за земјоделство.
– Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство. Со години земјоделците се соочуваат со влијанието на природните непогоди за кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за штети при Владата на Република Северна Македонија, исплаќа во просек
три и пол милиони евра годишно на основ штети од временски непогоди. Токму затоа, решивме дека е време да воспоставиме организиран пристап за прилагодување и заштита на земјоделските производи преку воспоставување на систем на земјоделско осигурување во нашата земја – изјави министерот за земјоделство Аријанит Хоџа.
Исто така, министерот Хоџа истакна дека МЗШВ е насочено кон зголемување на земјоделските површини, на приносот и квалитетот на земјоделските производи што ќе значи и поголеми приходи во сите семејства кои се занимаваат со земјоделско производство.